
Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган денес изјави дека употребата на терминот „исламски тероризам“ е неприфатлива и дека тој термин длабоко ги навредува муслиманите, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот Ердоган денес во Претседателската палата во Анкара ја прими германската канцеларка Ангела Меркел, а по нивниот состанок и по состанокот на проширените делегации на двете земји, Ердоган изјави дека тоа била добра можност за да разговараат за билатералните односи и за важните регионални и глобални теми.
„Неприфатливо е да се користи терминот исламски тероризам поради терористичката организација ДЕАШ. Исламот и тероризмот никогаш не можат да бидат ставени на исто ниво. Исламот значи мир и ставањето на тој збор покрај зборот тероризам ги навредува припадниците на таа вера“, изјави Ердоган.
Повикувајќи ја јавноста да не го користи тој термин, Ердоган изјави дека не може немо да слуша такви неприфатливи изрази, а дека молкот би значел одобрување.
„Јас како претседател на држава и како муслиман, никогаш не можам да прифатам таков израз. Моментално во светот не постои никој што води толку одлучна и ефикасна борба против терористите на ДЕАШ. Сите зборуваат за тоа, но ние сме тие што со одлучност ја водиме и ќе ја водиме таа борба на теренот“, порача Ердоган.
Турскиот претседател Ердоган истакна дека меѓу терористичките организации нема разлика, и дека терористичката организација ФЕТО е исто што и терористичките организации ПКК, ПЈД или ЈПГ.
Тој истакна дека е прифатливо да се воспостави контакт и да се испратат документите и доказите доколку побегнат и засолниште во Германија побараат терористите на ФЕТО кои изведоа обид за воен удар во Турција, и додаде дека Турција досега испратила и 85 куфери со документи до САД, но дека сѐ уште се чека одлуката од американскиот суд во врска со барањето за испорачување на тие терористи.
„Ние воедно сме и сојузници во НАТО, две пријателски и сојузнички земји. Уверен сум дека за тие прашања ќе донесуваме поконцизни и побрзи одлуки со премисата дека задоцнетата правда и не е правда“, изјави Ердоган.
А.А.