Почетна На иста страна Заедничка прослава на Бадник на учениците од различни етнички заедници во кумановската гимназија „Гоце Делчев“
Заедничка прослава на Бадник на учениците од различни етнички заедници во кумановската гимназија „Гоце Делчев“

Заедничка прослава на Бадник на учениците од различни етнички заедници во кумановската гимназија „Гоце Делчев“

185
0

Христијанскиот празник Бадник, денеска заеднички го прославија учениците, родителите и наставниците од различни етнички заедници од средните училишта од Куманово.

Учениците во просториите на кумановската гимназија „Гоце Делчев“ имаа можност да слушнат за значењето и суштината на Бадник и Божик.

Заедничкото славење на големиот христијански празник се одржува веќе 11-та година во рамки на проектот „Безбедни училишта“, кој го реализира отсекот за превенција од СВР Куманово со поддршка на Општина Куманово. По делењето на лепчето, учениците пробаа од подготвената бадникова посна трпеза.

– И самиот настан е организиран за зближување на луѓето. Поуката за нас христијаните е да се стремиме кон тој идеал да има мир меѓу луѓето и, како што вели апостол Павле, доколку е до вас, бидете во мир со сите луѓе. Расправиите, недоразбирањата да се тргнат настана кога сакаме да имаме добри човечки односи. Длабоко во нас да имаме почитување кон сите луѓе, да го препознаваме образот Божји во секој човек, рече пoртпаролот на Кумановско-осоговската епархија, свештеник Игор Здравковски.

Тој повика на скромност, на тихување и молитва и ги покани верниците на богослужба во храмовите.

Заедничките прослави на верските празници од христијанската и муслиманската религија промовираат запознавање, но и негување на различностите во мултиетничка и мултирелигиска општина како што е Куманово, беше кажано на денешната прослава на празникот.

Проектот прво почна да се имплементира на иницијатива на отсекот за превенција, а последниве години домаќини се училиштата во градот и соседните општини. Идејата на превентивното полициско работење е да се изгради доволен степен на доверба, а со тоа ќе се зголеми и безбедноста во градот и заедницата.

– Ова е прекрасен ден и заеднички го прославуваме со сите ученици. Ова е една од првите активности, а идејата потекна од учениците кои изразија желба да ги запознаат различните од себе, преку запознавање на културата, традицијата, обичаите и да знаат повеќе за другите во нашата заедница. Целта е да се дружат, да соработуваат, да комуницираат, да ги идентификуваат заедничките проблеми и да ги решаваат, вели началничката на отсекот за превенција, Виолета Богдановска.

Ученичките од трета година од гимназијата „Гоце Делчев“, Косара Алексовска и Елза Мемети од „Наце Буѓони“ сметаат дека оваа традиција на заедничко прославување е значајна за младите кои треба меѓусебе да се почитуваат и да градат одлични пријателски односи во локалната заедница.

/МИА

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *