Почетна Вера Велигден во Битола

Велигден во Битола

225
0

Владиката Петар пред да ја објави радосната вест, ја испрати велигденската порака. Тој рече дека ако направиме паралела на религиозниот живот на нашите предци со денешниов, ќе заклучиме дека нивниот живот бил исткаен со обичаи, симболи, обврски, навики, нанижан со поговорки, морални начела и умотворби.

-Затоа, нашите претци сигурно чекореле во животот и го чувствувале присуството на Бога во себе и во сѐ околу себе. Меѓутоа, ние денес многу лесно и често се губиме пред мноштвото научни и философски, човечки сфаќања, мудрувања и толкувања. А последиците од таквото наше живеење се нервозите, пореметените чувства, болестите на волјата, разнишаните односи кон моралните сфаќања… И така, исчезнуваат оние одлики на човекот, кои некогаш биле земани како одлики за вистински човек, за човечноста, за карактерноста. Со растот на бездушното школство и безидејната култура, расте и трендот на занемарување на духовните вредности. На нашите деца, уште од најрани години, постојано им се зборува за лажните вредности, за светските знаења, за умешноста за стекнување на богатства, за сигурна положба во општетсвото, за успех, за кариеризам… Но, забораваме дека сето тоа е ѕидање  куќа врз песок. Едвај, денес можеме да слушнеме некој да ги спомне карактерот, моќта на духот, моралноста, човечноста во доброто и во злото, образот, дадениот збор, помирувањето со Божјата волја и верата во вечните вредности, рече г.Петар.

Тој истакна дека времето во кое живееме наликува на предапокалиптично време, зашто е исполнето со мислите и делата на злите луѓе и демоните, како и сè почестото свесно определување на луѓето за зло.

-Живееме во време на лесно губење на идентитетот и сè потешкото создавање на сопствениот идентитет, особено кај младите. Се наоѓаме во ново опкружување на „интернационализмот“ и сведоци сме на новиот триумвират на „златното теле“, уште во вечерните часови сме исцрпени телесно и душевно, неспособни да им подадеме љубов на децата или на брачниот сопатник, дотолчени со плитки, банални и лажни телевизиски емисии, па се прашуваме: каде уште можеме да најдеме катче за мир и моменти за одмор? Понекогаш, а тоа е сè поретко,  во природата, при слушањето на музиката, во игра со децата кои ги љубиме, но најсигурно – во Црквата, истакна г.Петар.

Веднаш потоа се одржа Воскресна Божествена литургија во храмот Свети великомаченик Димитриј.

/ШЕТАЛИШТЕ

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *