Величествена литургија во црквата во Дебар

Date:

Share post:

Огромен број верници дојда во Дебар за чествувањет на Цветници, каде литургија служеше  епископот Антаниски Партениј, во соборниот храм „Успение на Пресвета Богородица“ во старата дебарска населба Варош.

Освен браќата свештенослужители од Бигорски, му сослужуваше и дебарскиот свештеник отец Миле Ангелковски. Литургиски химни, пееше хорот „Митрополит Козма Пречистански“ од Кичево,

-Особено трогателни беа солзите радосници во очите на домородните дебрани, солзи на луѓе кои го гледаат својот храм обновен, жив, полн со народ и со молитва. Тие солзи беа сведоштво за силната надеж дека токму во овој прекрасен храм на Богомајката славословијата никогаш нема да замолкнат. Секоја уста, секое срце, како да го повторуваше древното славословие: „Осана! Благословен е Оној Кој доаѓа!“ – со сè подлабока вера дека ова славно и велелепно здание ќе ја достигне својата конечна убавина и слава. Со своето ценето присуство, неизмерна радост и чест ни причинија нашите драги сограѓани – Албанци од Дебар, во знак на почит кон вредностите што нè поврзуваат и кон духот на Дебар, кој отсекогаш бил пример за соживот и меѓусебно разбирање. Оти, храмот на Пресвета Богородица во Дебар не е само место на молитва; тој е и живо сведоштво на нашата заедничка историја, култура и достоинство, светилиште коешто со векови стои како гордост на целиот град и на сите негови жители, без разлика на потекло и јазик. И токму во тој дух на заедништво и взаемна почит, овие наши браќа присуствуваа денес, споделувајќи со нас мигови на мир, добрина и на човечка близост, велат од Бигорски.

Овој славен храм, изграден во 1840 година, е една од најубавите преродбенски цркви во Македонија, вистински споменик на духовниот и градителски дострел на нашите предци, кои го изградија во тешки општествени и економски услови, под ограничувањата на духот на времето, но со неограничена вера. Трикорабна базилика, насликана со ѕиден живопис и украсена со иконостас со прекрасни икони од XIX век, некогаш главен соборен храм на Дебарското архиерејско намесништво и седиште на Дебарската митрополија, нејзините ѕидови паметат архиереи и свештеници, крштевања и венчавања, опела и воскресенија – целата историја на дебарското христијанство, впишана во камен, во икони и фрески.

Од пред некоја година, по иницијативата на владиката Партениј, и во соработка со црковниот одбор и благочестивите дебрани, врз храмот беа изведени обемни конзерваторски и реставраторски работи: беше заштитен покривот од прокиснување, беа санирани големите оштетувања во внатрешноста, комплетно беше реновиран црковниот трем, беа возобновени столбовите, балконот на галеријата, прозорците, електричната инсталација и таванските греди, беа зајакнати темелите, така што храмот сега е целосно заштитен од влага.

Бигорското братство и Рајчичкото сестринство извршија целосно очистување и украсување на црквата. И кога денес влеговме во неа, таа нè пречека обновена, радосна, светла, дишејќи со оној мир што го имаат само храмовите коишто се сакани и чувани. Зашто целта на денешното богослужение не беше само Цветници. Таа беше и нешто повеќе: да ѝ направиме чест на Пресветата Владичица наша Богородица, заради оваа нејзина црква-споменик со големо историско и духовно значење. Да им оддадеме чест и благодарност на богољубивите предци, кои со голема пожртвуваност ни го оставија ова велелепно и свето наследство. И да посведочиме дека нивниот труд не бил залуден, оти, еве, речиси два века подоцна, нивните внуци и правнуци стојат во истиот храм, ги пеат истите химни, се причестуваат со Истиот Христос, велат од Бигорски.

Процесот на реставрирање и заштита на дебарскиот храм ќе продолжи и во иднина, за ова свето наследство да биде предадено на идните поколенија во уште поголема убавина.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img