Црквите губат верници, но добиваат повеќе пари

Date:

Share post:

Стотици илјади верници секоја година ги напуштаат католичките и протестантските цркви во Германија, но црквите сепак добиваат повеќе пари од задолжителните даноци. Зголемувањето на просечните плати и прогресивниот даночен систем значат дека намалениот број регистрирани верници секоја година издвојуваат повеќе пари за црквата.

Во текот на 2025 година околу 660.000 Германци официјално се откажале од членство во католичката или протестантските цркви. Многумина не го прават тоа затоа што ја изгубиле верата, туку поради данокот што им го оптоварува семејниот буџет.

Секој регистриран член на католичката и протестантските цркви и на некои еврејски заедници автоматски плаќа данок, пресметан како процент од индивидуалниот данок за доход. Од овој црковен данок двете институции добиле 12,5 милијарди евра за фискалната 2025 година, во споредба со 12,4 милијарди претходната година.

Табелите за данок на плата на германското Министерство за финансии за 2025 година покажуваат дека самохран вработен без деца кој годишно заработува бруто 50.000 евра, покрај данокот на доход плаќа приближно 600 евра за црквата, во зависност од сојузната држава. Оние што заработуваат по 70.000 евра годишно плаќаат по повеќе од 1.000 евра.

Во 2021 година, најновата година за која се достапни сеопфатни податоци, повеќе од 29 милиони луѓе платиле црковен данок, што претставува речиси половина од сите даночни обврзници во Германија.

Регистрирањето во верските заедници се врши при раѓање или во локалните самоуправи. Со доброволното откажување на членството престанува и автоматското наплаќање данок. Процесот Kirchenaustritt се разликува во федералните покраини, но обично бара лично поднесување изјава во матичната служба или во локален суд. Повеќето покраини наплаќаат и административна такса за откажување.

Оние што го откажале членството сè уште можат да присуствуваат на службите, но не им е дозволено да имаат венчавка во црква или да бидат кумови и не им се гарантира црковен погреб.

Податоците за 2025 година покажуваат дека околу 310.000 Германци ја напуштиле Католичката црква, а уште 350.000 напуштиле некоја од регионалните протестантски цркви.

Целиот текст на OFF.NET.MK

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img