Почетна Репортажа Тетовското теќе 480 години ја чува историјата на Бектешите, спорот со ИВЗ останува
Тетовското теќе 480 години ја чува историјата на Бектешите, спорот со ИВЗ останува

Тетовското теќе 480 години ја чува историјата на Бектешите, спорот со ИВЗ останува

445
0

Арабати баба теќе во Тетово го прославува јубилејот 480 години од основањето. Во 1538 година, еден од највидните бектеши во тоа време, Серсем Али, кој тогаш му бил везир на султанот Сулејман Величествениот, решил да се посвети на духовниот живот па го напуштил Цариград за да изгради бектешко теќе некаде во царството. Тој дошол во Тетово, каде ги  удрил телемите на бектешкото теќе. По 10 години градба, теќето го завршил неговиот наследник  Арабати баба, кој се смета и за архитект  и главен градител на теќето, и по кого теќето и го добило името, иако во многу документи Арабати баба теќе се вика и Серсем теќе по неговиот ктитор.

Во турбето кое било изградено во теќето се наоѓа и гробот на Серсем баба. Во втората половина на 18 век, тогашните тетовски владетели Реџеп паша и неговиот син Абдураман паша многу придонеле за проширувањето на теќето, а исто така му дале и многу имот.

Бектешите се исламски суфиски ред кој потекнува уште од 13 век, а дервишите биле прочуени како благородни, мирни и гостољубиви луѓе.

„Бектешите се исламски мистичен монашки ред кој го следи тарикатот. Исламот има четири постулати или столбови: шеријат или право, тарикат или мистичен пат, хакикат – правда и марифет односно знаење. Во тарикатот, кој го следиме ние бектешите, има братства и животот овде во теќето е многу сличен на монашкиот живот во православните манастири. За повисоките бектешки високодостоинственици важи целибатот, а за пониските до титулата отец, дозволен е бракот. Центарот на бектештвото до 1925 се наоѓал во Турција. Но основачот на модерна Турција  Кемал Ататурк ги затвара сите теќиња во Турција. Тогашниот бектешки водач Сали Нијази Деде баба, кој по потекло бил од Колоња Албанија, 5 месеци се обидувал да го зачува редот во Турција но не успеал, па бектешите морале да заминат. Тие прием нашле кај тогашниот албански крал Зогу, кој бил наклонет кон дервишкиот ред, па им доделил место во Тирана каде било изградено теќе.

Од тогаш и светското седиште на бектешите се наоѓа во Тирана“ вели дервишот Абдулмуталиб Беќири кој постојано живее во Арабати баба теќе.

За духовниот живот на дервишите и за нивната посветеност кон мирољубивиот живот зборува и ексјавниот обвинител и адвокат Ставре Џиков.

„Јас посебно го почитувам бектештвото, а дедето Едмонд кој е светски поглавар на бектешите и кој еве е дојден на оваа прослава од Албанија, јас го сметам и како свој духовен брат. Бектештвото е мост помеѓу христијанството и муслиманството. Бектештвото, како вера во муслиманскиот свет се филозофска категорија. Тоа се монаси кои ја шират благородната идеја на бога на Алах. Бектешкиот дел на муслиманскиот свет претставува хармонизација на човечкото опстојување. Тие ја носат генезата на една духовност каде што нема екстремизам, а има верољубие во човечкото однесување. Арабати баба теќе во сегашниов момент претставува едно богатство за македонското општество“, вели Џиков, кој еден период беше и адвокат на бектешкото друштво и добар познавач на бектешизмот.

Арабати баба теќе преставува исклучително значаен историски и културен објект во Македонија, како по својата архитектура и убавина, така и како мошне атрактивно туристичко место.

До конфликтот во 2001 со теќето управуваше текстилниот комбинат „Тетекс“, кој тука изгради ексклузивен угостителски и сместувачки објект. По 2001, теќето беше напуштено од „Тетекс“,  а Музејот на тетовскиот крај беше насила исфрлен.

Тогаш, покрај бектешите кои се проширија во просториите од музејот, во теќето влезе и Исламската верска заедница (ИВЗ) која сега користи неколку објекти. Од тогаш тетовските дервиши водат повеќегодишен спор со ИВЗ околу сопственоста на Арабати баба теќе. Дервишите велат дека теќето е нивно за што велат дека имаат и тапии уште од турско време, а од ИВЗ потенцираат дека тие како преставници на сите муслимани имаат право да го користст и теќето.

Според тетовските бектеши, од нивна страна поведен е спор и пред Меѓународниот суд за правда околу правото на сопственост врз теќето, иако според некои информации целиот имот на Арабати баба теќе уште се води како имот на Република Македонија. Сега еден дел од теќето користат бектешите, ИВЗ исто така користи еден објект како џамија, а останатите објекти како хотелот, ресторанот, шадрванот и други постепено пропаѓаат бидејќи нема кој да се грижи за нив.

/SDK.MK

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *