Високи државни функционери во Молдавија повикаа на смиреност и почитување на законот по инцидентот во селото Деренеу, во централниот дел на земјата, каде што дојде до судир меѓу група верници и полицијата поради долг спор околу црковен имот.
Од крајот на јануари трае спорот за користењето на храмот „Успение на Пресвета Богородица“, кој според одлука на Врховниот суд на Молдавија треба да ѝ припадне на Митрополијата на Бесарабија, поврзана со Романската патријаршија. Одлуката предизвика протести и незадоволство кај дел од верниците.
Свештеник на Православната црква на Молдавија, која е во канонско единство со Руската православна црква, се забарикадирал во храмот заедно со своето семејство и парохијани. Повеќе лица, меѓу кои и градоначалникот на Деренеу, биле приведени под сомнение за насилно влегување во објектот.
Претседателот на молдавскиот парламент, Игор Гросу, изјави дека одлуката на Врховниот суд мора да се почитува и дека Црквата не смее да се користи како политичка алатка или фактор на општествена поделба. Тој оцени дека во земјата постои внатрешен конфликт меѓу православните верници, додека политичките актери ги користат тензиите за свои интереси.
Околу 95 проценти од населението во Молдавија припаѓа на iсточното православие. Православната црква на Молдавија има околу 1000 парохии, додека Митрополијата на Бесарабија располага со повеќе од 250 парохии. Војната во Украина дополнително ги засили процесите на преминување на парохии од една во друга јурисдикција.
Поранешниот претседател на Молдавија, Игор Додон, прорускиот лидер на Молдавската социјалистичка партијаm предупреди на можнo „украински сценарио“, алудирајќи на промените на црковната припадност во Украина, кои во одредени случаи беа проследени со насилство и обвинувања за присилни преземања. Тој ја повика државата да се воздржи од мешање во црковните прашања и ја обвини актуелната власт дека води поширока кампања насочена против Православната црква на Молдавија.

