Светиот синод на Кипарската православна црква одобри составување и внесување нови химни во богослужбата на Оплакувањата на Христос на Велики Петок. Одлуката беше донесена на седницата на архиереите што се одржа вчера, 14 јануари, во Никозија.
Според синодалното соопштение, новите химни ќе се однесуваат на долгогодишното „кипарско прашање“. Во одлуката се наведува дека Синодот го прифатил предлогот на Неговото Блаженство да се состават и да се вметнат молбени химни поврзани со кипарската трагедија во трите статии на Оплакувањата на Велики Петок.
Богослужбата на Оплакувањата, која се служи вечерта на Велики Петок, литургиски го претставува погребениетона Господ Исус Христос. Таа се одликува со богата химнографија, во која голем дел од песнопенијата се напишани од перспектива на Пресвета Богородица, која го оплакува Својот Син. Химните се распоредени во три целини, познати како статии.
Под „кипарско прашање“ се подразбира поделбата на островот од 1974 година, кога Турција изврши воена интервенција во северниот дел на Кипар. Како последица на тие настани, стотици илјади грчки Кипрани беа протерани од своите домови, а островот остана фактички поделен. Северната третина на Кипар и денес се наоѓа под турска воена окупација, при што самопрогласената Турска Република Северен Кипар е признаена исклучиво од Турција.
Обидите за повторно обединување на островот траат со децении, но без конкретен успех, што го прави кипарското прашање еден од најдолготрајните и најчувствителни политички спорови во светот. Одлуката на Кипарската црква да го внесе овој историски и национален бол во срцето на богослужбеното искуство на Велики Петок се толкува како силна симболична порака за молитвено паметење, надеж и духовен отпор. Но прашањето за богословската оправданост на овој потег останува да биде разгледувана низ критичките мислења.

