Во Меморијалниот и музејски комплекс „Треблинка“ во Полска, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова присуствуваше на комеморацијата на Холокаустот на македонските Евреи.
Таа оддаде почит кон жртвите и положи венец пред спомен-обележјето посветено на 7.144 македонски Евреи депортирани од фашистичкиот окупатор во логорот на смртта „Треблинка“ во 1943 година.
Во изјава за медиумите порача дека застанати пред амбисот на злото, нема да дозволиме историски ревизионизам и фалсификување на вистината за Холокаустот на македонските Евреи.
Укажувајќи дека државна и човечка должност е да сме тука во пресрет на утрешниот ден на сеќавањето на холокаустот на македонските Евреи, таа рече дека за нас трагедијата е поголема и поболна, бидејќи антисемитизмот никогаш не бил македонска одлика.
Според Сиљановска-Давкова, фактот што македонските Евреи кои ја избегнале депортацијата, веднаш се вклучиле во народноослободителната и антифашистичка борба на македонскиот народ, е доказ за нашиот соживот.

