Посетата на светски познатата пејачка Мадона на манастирот Варлаам во Метеори не била само туристичка посета. Игуменот на манастирот, отец Бенедикт, откри дека разговорот со пејачката бил посветен на духовни теми, меѓу кои спасението на човекот, молитвата и православната бројаница.
Во интервју за грчкиот весник „Православна вистина“, игуменот раскажал дека Мадона имала многу прашања уште при посетата на католиконот, каде што се интересирала за фреските. Потоа разговорот продолжил во архондарикот, во поприватна атмосфера.
„Нашиот разговор постојано се движеше околу спасението на нашите души. Тоа беше она што ја интересираше, на тоа сакаше да се сосредоточиме“, вели отец Бенедикт.
Според него, Мадона покажала интерес и за „една друга страна на верата“, особено за молитвата и духовниот живот.
„Главно сакаше да види една друга страна на верата. Ме прашуваше за молитвата, за мојата бројаница“, раскажува игуменот.
Во разговорот било отворено и прашањето за Исусовата молитва – „Господи Исусе Христе, помилуј ме“. Отец Бенедикт ѝ објаснил дека станува збор за кратка молитва која во православната духовност има важно место како молитва на срцето.
Особено внимание привлекла православната бројаница – комбоскини – што ја носел игуменот.
Мадона прашала што претставува бројаницата и за што се користи. Отец Бенедикт ѝ го објаснил нејзиното значење во молитвениот живот, а според информациите објавени во грчките медиуми, ѝ била подарена една бројаница како благослов.
Пејачката покажала интерес и за начинот на кој се изработуваат бројаниците и за нивното духовно значење.
Разговорот опфатил и други прашања што игуменот ги опишал како „метафизички“, поврзани со верата, душата и духовниот живот.
Според сведоштвото на игуменот, пејачката пред заминувањето им кажала на своите соработници: „Сакав да останам подолго. Ми требаше повеќе време овде.“
Отец Бенедикт ја опишал Мадона како едноставна и пристојна личност која покажала почит кон манастирот, монасите и светите предмети.
Мадона во Варлаам пристигнала во период кога манастирот бил затворен за редовните посетители, што овозможило посетата да се одвива во дискретна атмосфера. Според грчките медиуми, во Метеори поминала околу три до три и пол часа.

