Рускиот патријарх Кирил – патријарх или лажен патријарх, висок црковен достоинственик или висок политичар во Руската Федерација?

Date:

Share post:

Проф. д-р Дилјан Николчев е професор и истражувач од областа на црковното право. За бугарскиот интернет поратл hristianstvo.bg направил анализа за улогата на Рускиот патријарх и војната во Украина. Ви ја пренесуваме во делови (ПРВ ДЕЛ)

Пишува: Дилјан Николчев

Пред неколку години објавив статии, во кои го насочив вниманието кон еден загрижувачки процес за Русија во последните години, а имено – сè поизразеното демонстрирање на јавни и скриени „канали“ на заемно влијание меѓу Руската православна црква (Московска патријаршија) и Кремљ за освојување политички „територии“ внатре во самата Русија и на геостратешки политички мостобрани во други соседни и несоседни држави. Во сложената меѓународна политичка и воена состојба во светот, а особено имајќи ја предвид руската агресија врз Украина, сè повеќе политички набљудувачи, како и богослови, почнаа да зборуваат за претворањето на Руската православна црква во политичка религија, која им служи на геополитичките интереси на Кремљ, предводен од претседателот на Руската Федерација Путин.

Во контекст на темата потребно е да се напомене дека, во практика, политичките религии, без оглед за која религија станува збор, сами по себе претставуваат хибриден феномен во областа на политиката и дипломатијата во различни форми, како што се, на пример, користењето на религијата за политички цели – како мобилизациски ресурс или како прикритие за политички дејствија, влијанието на религијата врз политичкиот живот во рамките на општоприфатените или воспоставените законски процедури, како и сакрализацијата на политичките институции на државно и политичко ниво. За тоа пишува и првиот истражувач кој ја воведува во употреба терминологијата за политичката религија – германскиот научник Ерик Фогелин, кој во 1938 година објавил труд со наслов „Политички квазирелигиозни движења во Европа“. Се разбира, Фогелин пред сè ги анализира националистичките движења од тоа време во Европа, особено во Германија, каде што веќе е на власт Хитлер. Во својот труд Фогелин нагласува дека тие движења всушност не претставуваат религија и не претпоставуваат вера во Бога. Оваа мисла на германскиот научник во голема мера денес се однесува и на Руската православна црква (Московска патријаршија) – како првенствена и доминантна религија во Русија во услови на политичка диктатура што ја наметнува Кремљ.

Во последните неколку децении политичките истражувачи и набљудувачи постојано им посветуваа внимание на политичките процеси што се одвиваат во исламот. Денес многу научници, како германскиот истражувач со сириско потекло Басам Тиби, руските научници А. Митрофанова, Д. Косухин, А. Семедов, украинскиот свештеник и универзитетски предавач К. Ховорун и други, ја разгледуваат мобилизацијата на исламската религија за политички цели, односно – нејзиното користење за оправдување политички дејствија или за мобилизација на луѓето за нерелигиозни цели. Клучниот збор тука е, забележете, „користење“ – односно користење на религијата и на религиозните убедувања на луѓето за задоволување на политички амбиции, речиси секогаш неискрено и цинично. Во овој случај дури можеме да кажеме дека станува збор за религиозна демагогија, зад која се кријат стремежите на власта или на политичките партии за стекнување популарност и добивање политички дивиденди. Притоа, во еден поширок план, политизацијата на религиите воопшто сведочи не за тоа дека населението станува порелигиозно, туку за тоа дека религијата многу поенергично отколку порано навлегува во политиката, во идеологијата и во владините сфери. Овој заклучок емпириски се наметна и за православната религија во Русија во последните неколку децении: православието абдицираше од својата догматска и канонска суштина и се претвори во „политичка религија“, која им служи на политичките интереси на Кремљ. Главната вина за овие процеси ја носи раководството на Руската православна црква (Московска патријаршија), а особено нејзините поглавари – руските патријарси.

(ПРОДОЛЖУВА)

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img