Во ноќта меѓу 23 и 24 јануари 2026 година, објекти на Киевско-печерска лавра претрпеа оштетувања како последица на масовниот руски ракетно-дронски напад врз Киев, извести Interfax Укрaïна. Информацијата ја соопшти генералниот директор на комплексот, Максим Остапенко.
Според неговите зборови, ова е првпат од Втората светска војна наваму објект од Лаврата да биде директно погоден како резултат на воени дејствија. Тој нагласи дека зад ваквите напади историски и денес стои Москва, потсетувајќи на уништувањето на Успенскиот собор во 1941 година по наредба од Советскиот Сојуз.
Оштетувањата се регистрирани на објектите број 66, кој служи како влез во комплексот на Далечните пештери, и објект број 67 – црквата „Зачатие на света Ана“. Ударниот бран предизвикал кршење на прозорци и врати, како и значителни оштетувања на малтерисаните површини на повеќе места. Според управата на комплексот, самите пештери не се оштетени.
Остапенко истакна дека претходно биле евидентирани само индиректни последици, како шрапнели или остатоци од соборени летала, но дека ова е прв случај на директно влијание од воздушна експлозија. Дополнителен проблем претставувало тоа што поради прекин на електричната енергија не функционирал сеизмичкиот сензор, па во моментов не може прецизно да се утврди влијанието на ударот врз конструкциите.
Киевско-печерската лавра, заедно со Софискиот собор и околните манастирски објекти, има три меѓународни заштитни статуси: објект на светското културно наследство на УНЕСКО од 1990 година, објект на светскотонаследство во опасност од 2023 година и објект под засилена меѓународна заштита според Хашката конвенција за заштита на културни добра во вооружени конфликти.
Украинските одбранбени сили соопштија дека во истата ноќ биле неутрализирани 15 ракети и 357 беспилотни летала. Сепак, регистрирани се директни погодоци на повеќе локации во Киев, како и пад на остатоци од соборени дронови.
Вицепремиерката и министерка за култура Тетјана Бережна изјави дека на терен веднаш интервенирале стручни служби од комплексот и Националната полиција. Таа најави итно техничко вештачење, по што ќе следуваат конзервациски и обновувачки зафати.
„Оваа година Лаврата одбележува 975 години од своето постоење, а токму сега врз неа паѓаат руски ракети. Светот мора да знае: ова не е војна само против Украина, туку и против светската култура“, порача Бережна.

