Протестите во Иран против властите влегоа во својата втора недела, а бројот на жртвите достигна најмалку 116 лица, соопшти активистичката агенција „Хјуман рајтс активистс“ (Human Rights Activists News Agency).
Според агенцијата, бројот на повредени надмина 2.600 лица. И покрај репресиите и информативниот мрак во земјата, синоќа граѓаните повторно излегоа на улиците. Демонстранти се собраа во северниот дел на Техеран.
На плоштадот „Пунак“ во главниот град беа истрелани огнометни ракети, додека демонстрантите удираа во тенџериња и во тави, скандирајќи пароли во поддршка на династијата на последниот ирански шах, Мохамед Реза Пахлави, соборен со Исламската револуција во 1979 година.
Иранската државна телевизија известува за повредени полицајци, но одбегнува да спомене жртви меѓу демонстрантите, кои сè почесто ги нарекува „терористи“.
Главниот обвинител на Иран, Мохамад Мовахеди Азад, изјави дека секој што учествува во протестите ќе се смета за „Божји непријател“ (Moharebeh), категорија која според иранските закони предвидува смртна казна.


