Протест против имиграциската политика на САД заврши со апсења откако активисти минатиот викенд упаднаа и ја прекинаа неделната богослужба во баптистичката црква Cities Church во Сент Пол, Минесота. Тројца учесници во протестот во четвртокот беа уапсени и се соочуваат со федерални обвиненија.
Протестот бил насочен против американската имиграциска служба ICE, откако беше откриено дека еден од пасторите на црквата е вработен во оваа федерална агенција. Околу триесетина демонстранти влегле во храмот за време на богослужбата, при што дел од нив се приближиле до амвонот, а други извикувале пароли против ICE и го споменувале името на Рене Гуд, жена убиена при полициска интервенција поврзана со имиграциските служби.
Правни експерти за верска слобода посочуваат дека прекинувањето на богослужба претставува прекршување на законот и директно мешање во правото на слободно исповедање вера. Според нив, токму тоа често е и целта на граѓанската непослушност – намерно кршење на законот за да се привлече внимание кон одредена кауза.
Иако протестите во и околу верски објекти не се непознати во американската историја, ваквите акции внатре во храмовите се исклучително ретки и контроверзни. Поголем дел од верските заедници, вклучително и оние кои јавно ја критикуваат засилената имиграциска контрола, изразија резерви кон ваквиот метод на протест.Раководството на Southern Baptist Convention остро реагираше, оценувајќи дека ниту една политичка или идеолошка причина не може да го оправда нарушувањето на светоста и безбедноста на верскиот простор. Сличен став изразија и други верски лидери, кои нагласија дека храмовите мора да останат места на молитва и сигурност за сите.
Уапсените демонстранти се обвинети според федерален закон донесен по Граѓанската војна, насочен кон заштита од сериозни повреди на уставните права. Доколку бидат осудени, тие се соочуваат со можни затворски казни до десет години.
Случајот повторно ја отвори јавната дебата во САД за границите меѓу правото на протест и заштитата на верската слобода, особено во контекст на зголемени безбедносни ризици и засилени имиграциски акции.

