Прогонството на христијаните во Кина се пренесува и во Хонг Конг, предупреди Release International, по повод 35-годишнината од масакрот на плоштадот Тјенанмен.
Масакрот на плоштадот Тјенанмен во Пекинг на 4 јуни 1989 година донесе брутален крај на продемократските протести и означи зголемување на прогонот на христијаните.
Release International изјави дека 35 години подоцна, христијаните во Кина се соочуваат со најлошото ниво на прогон од времето на Културната револуција и дека заканата се шири и во Хонг Конг, каде што законите за национална безбедност имаат застрашувачки ефект врз слободата на говорот и на верската слобода.
Организацијата којашто ги поддржува прогонетите христијани ширум светот, рече дека новиот закон би можел да ги принуди католичките свештеници во Хонг Конг да ги откриваат тајните на исповедалницата.
Според членот 23, донесен во март, свештениците може да бидат затворени до 14 месеци доколку одбијат да ги откријат таканаречените „злосторства на предавство“ споделени за време на исповедта.
Соработникот на Release International, Боб Фу, рече дека доколку свештениците бидат принудени да ја нарушат довербата на верниците кои доаѓаат на исповед, „Кина ќе тргне по многу опасен пат кон прогонство“.
Фу, кој со години помина во кампања за верска слобода во Кина, рече дека многу христијани веќе го напуштиле Хонг Конг и дека „нивната омилена дестинација е Обединетото Кралство“.
Тој рече дека Британија има морална обврска да се залага за верска слобода во својата поранешна колонија.
„Жителите на Хонг Конг очекуваат Обединетото Кралство да застане цврсто зад нивната верска слобода и да зборува за тоа, и да ги преземе сите неопходни мерки за да ги заштити оние кои бегаат од прогон“, рече тој.
Во новиот извештај на Комисијата на Соединетите Држави за меѓународна верска слобода (USCIRF) се вели дека Кина ја зајакнува контролата врз христијаните и дека верниците во Хонг Конг, како и оние надвор од националните граници на Кина се погодени.
Извршниот директор на Release International, Пол Робинсон, изјави: „Долготрајната репресија на континентална Кина сега се чини дека се проширува и во Хонг Конг.
Верската слобода е камен-темелник на сите слободи. Нашите соработници ја опишуваат сегашната репресија врз христијаните како најостра од Културната револуција на Мао Це Тунг.
Заедно го повикуваме светот да се разбуди и да ја препознае сериозноста на прогонот во Кина кој се засилува. Оваа закана против христијаните ги надминува нивните национални граници“.
/christiantoday.com

