Под расото на Кирил Гундјаев стои петокраката, а не крстот

Date:

Share post:

Професорот по канонско право од Бугарија, Дилјан Николчев во интервју за бугарски Faktor.bg оценува дека аргументите на премиерот Румен Радев и на владата да се спротивстават на одлуката на ЕУ да воведе санкции против рускиот патријарх Кирил не се основани, особено ако се гледа од точка на канонското право. Во таа смисла, вели тој важно е што вели канонот, а не изјавите на оваа тема на Румен Радев и на новата претседателка Јотова, дека не треба да му се воведуваат санкции на Гундјаев, дека тие немале значење, дека требало да го чуваме бугарскиот национален интерес.

-Треба да биде јасно дека рускиот лажен патријарх, како што јас го нарекувам, од една страна е агент на КГБ и тоа е докажано многу одамна. По пучот против Елцин во Руската дума беше создадена специјална комисија која требаше да го истражи рускиот висок клир. Имаше услов таа комисија да не наведува конкретни имиња, туку само да ги открие биографиите на духовниците агенти. Биографиите беа исклучително детални и не може да стане збор за каква било забуна или погрешно толкување.

Во декласифицираните документи јасно се вели: тој и тој митрополит бил раководител на таа и таа Духовна академија, бил претставник на Руската црква во Светскиот совет на црквите и така натаму. Јасно е дека станува збор за агентот „Михајлов“, зад чиј псевдоним стои лицето Кирил Гундјаев. На 28 години тој станува претставник на СССР во овој Светски совет на црквите.

Но повторно се враќам на канонот, бидејќи тој има императивен, а не препорачувачки карактер. Односно, луѓето кои станале епископи со помош на државните власти и институции треба не само да бидат расчинуваани, туку и одлачени од Црквата. Кога Гундјаев станува епископ, тој ја изговара таканаречената епископска заклетва пред целиот клир и народ. Дел од таа заклетва е дека нема да им подлегне на моќниците на денот, дури и ако му се закануваат, и дека нема да ја изневери верата.

Кога ја дал таа заклетва, Кирил одамна веќе бил регрутиран од КГБ и со целосна свест ја изговорил оваа света заклетва. Во истата таа епископска заклетва се вели и дека ако духовникот ја изневери верата и ја злоупотреби својата служба, самиот се расчинува.

Во овој случај ние луѓето гледаме еден архиереј, а тоа се однесува и на бугарските владици кои биле поврзани со Државна безбедност, гледаме една камилавка, едно расо, но сè е измамно. Под расото всушност стои петокраката, а не крстот.

Од друга страна, рускиот псевдопатријарх Кирил е обвинет и од гледна точка на каноните и од гледна точка на воената операција што беше спроведена на Крим. Обвинет е и поради војната што Русија ја започна против Украина. Без сомнение, неговиот црковен пат е тесно поврзан со политиката на Кремљ.

Да не заборавиме дека тој го нарече Путин „Божјо чедо“. И уште нешто важно што малкумина го знаат – идејата, доктрината за „рускиот свет“ („Руски мир“) – токму тој е нејзин автор. И за првпат ја споделува во Киев, за време на концерт. Целта е да се покаже и да се внуши дека овој „руски свет“ не е само во Русија, туку се протега насекаде каде што има руски луѓе – Белорусија, Украина и сите земји кои имаат некаква врска и заедничка историја со Русија.

ФАКТОР.БГ: Според тоа разбирање и ние треба да бидеме дел од тој руски свет?

– Да, тоа е идејата на Гундјаев. Тој често зборува како Русија ѝ помогнала на Бугарија, дека нѐ ослободила и дека треба вечно да ѝ бидеме благодарни.

ФАКТОР.БГ: Кога Радев го брани московскиот патријарх, дали прави разлика меѓу Руската православна црква и руското православие за кое зборува?

– Од канонска гледна точка оваа изјава на премиерот е погрешна. Имаме Руска црква, Бугарска црква, Романска црква, Српска црква – тоа се однесува на териториите на кои дејствуваат и се простираат одделните цркви. Но православието е едно. Не може да постои руско православие, бугарско православие, како тоа да се различни верски деноминации. Тврдењата во таа насока се апсолутно погрешни од богословска гледна точка.

ФАКТОР.БГ: Но Радев и Јотова забораваат дека и Украинците се наши православни браќа и дека покрај тоа се жртви на руската агресија.

– Сосема основано – Украинците се наши православни браќа. Но поголемиот проблем и прашање е дали рускиот патријарх Кирил е православен, односно верник, за да го браниме? Јас сериозно се сомневам во тоа.

Поради војната против Украина, на една голема богословска конференција пред извесно време Руската православна црква беше прогласена за црква што паднала во ерес. Јас лично не сум целосно согласен со тоа определување. Ако еден патријарх паднал во ерес, тој сепак може да биде верник. Но ако внимателно ја прочитаме биографијата на агентот „Михајлов“, ќе видиме дека тој никогаш не бил верник – тоа е големиот проблем.

И тој и Путин излегле под шинелот на Џержински. Токму тој е главниот џелат и прогонител на Руската православна црква по Октомвриската револуција. Се сомневам дека во Гундјаев останала и капка вера.

ФАКТОР.БГ: Ги истражувате документите на бугарската Државна безбедност, дали во нив има сведоштва за агентурната дејност на московскиот патријарх?

– Да, наидов на такви документи и објавив дел од нив. Во принцип, законот забранува да се изнесуваат информации од Комисијата за досиеја за странски државјани и оттука доаѓа големиот проблем околу нивното разоткривање.

Во зачуваните документи на Државна безбедност јасно се гледа улогата на Кирил во Светскиот совет на црквите во почетокот на 1970-тите години. Станува збор за извештај на генерал од нашата Државна безбедност и се однесува на изборот на раководни функции во тој Светски совет на црквите.

Државна безбедност многу добро знаела за кого станува збор и кој всушност е Кирил, а од него зависела координацијата на сите цркви од социјалистичкиот блок. Тогаш тој бил Виборшки епископ Кирил и имал главна улога во изборот на раководството.

Во овие зачувани документи се гледа и многу сериозна бугарска трага. Всушност, заменик-претседател на Светскиот совет на црквите бил еден од најуспешните агенти на Државна безбедност во Првата главна управа. Починат е и законот ни забранува да го објавиме неговото име. Станува збор за поранешен професор на Духовната академија, но луѓето се досетуваат и знаат за кого станува збор.

Другото лице е поранешниот старозагорски митрополит Панкратиј, кој официјално е објавен. Името на третиот Бугарин што учествувал во оваа завера на светска шпионажа не е утврдено, но е под псевдонимот „Лилјана“.

ФАКТОР.БГ: Во 2018 година, по посетата на Кирил на Бугарија, русофили поведоа тужба за навреда против политичарот Валери Симеонов, но судијката Дајана Топалова пресуди дека рускиот гостин кај нас се однесувал како политичар, а не како духовник. Кого денес Радев го брани од Европската Унија – политичарот или духовникот?

– Го познавам тој случај, бев назначен за вештак. Мојот став беше дека патријархот кај нас се однесувал како политичар. Всушност, тој е резервниот Путин.

Истражување во Русија покажува дека Путин, Медведев и Кирил се најпознатите политичари во Русија. Повторувам – тој не може да биде духовник во вистинската смисла на зборот, целиот негов живот поминал во политиката, тоа е мое лично мислење. Прашањето е: Радев тогаш како го прими – како политичар или како духовник? Но истото прашање го поставив пред години и кога Петар Стојанов го прими претходниот руски патријарх Алексеј. Истиот проблем постоеше и тогаш. И Алексеј беше тесно поврзан со политиките на Кремљ и со највисоките институции на Руската Федерација.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img