Митрополитот Пимен признава дека згрешил со повикот за референдум за промена на името. Ова го кажа во поткастот на Слободен Печат, потенцирајќи дека не крие дека повикот што во 2018 година го упати до граѓаните да излезат на референдумот за промена на името, денес го гледа како погрешен чекор.
– Од оваа перспектива секако дека мојот повик до граѓаните да излезат на референдумот за промена на името во 2018 година го сметам за голема грешка. Практично, некој мене ме излажа, а јас ги излажав останатите – вели Пимен, објаснувајќи дека тогаш бил уверен оти процесот ќе донесе нешто подобро, а не подлабоко разочарување.
– Јас мојот потег го чувствувам како своја грешка и како своја наивност – вели владиката.
И покрај тоа, митрополитот не оди во целосно црна слика. Потсетува дека членството во НАТО, колку и да е предмет на оспорување, во конкретни моменти било пресудно. Како пример ја посочува трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кога, според него, брзата интервенција и поддршката од партнерите помогнале да се спасат животи.
За евроинтеграциите, митрополитот говори со воздржан тон, без големи очекувања.
– Се плашам дека нашата надеж за евроинтеграција веќе се сели низ Европа – констатира тој.
Прашањето кој треба да го додели „конечниот“ документ – Српската православна црква или Вселенската патријаршија – тој го остава отворено.
– Тоа не значи дека ни се потребни два томоса за автокефалност, но прашањето кој го доделува последниот томос, нека си го одговорат СПЦ и Цариград – смета г. Пимен.

