Архиепископот Диселдорфско-берлински и митрополит Германски Григориј од Српската православна црква на 7 август во Киев се сретнал со поглаварот на Украинската православна црква, митрополитот Киевски и на цела Украина Онуфриј.
Средбата траела речиси пет часа, и како што објави самиот Григориј , разговорот поминал во атмосфера на братска доверба и духовна блискост.
„Како да сум ја исповедал својата душа пред светител“, изјавил Григориј, опишувајќи го чувството што го имал за време на разговорот со митрополитот Онуфриј.
Тој во средбата со поглаварот на Украинската православна црква го препознал и значењето на своето долго патување до Киев.
„Светите луѓе навистина треба да се бараат – дури и ако поради тоа треба да се обиколи целиот свет“, порачал митрополитот Григориј.
Средбата се одржала во сложен период за Украинската православна црква, но, според објавените информации, разговорот меѓу двајцата архијереи пред сè бил насочен кон личната и духовната средба, а не кон јавни или политички теми.
Посета на Сумската епархија
Посетата на Украина за митрополитот Григориј започнала неколку дена порано. На 4 и 5 август тој ја посетил Сумската епархија на Украинската православна црква, каде што им дал духовна поддршка на свештенството и верниците погодени од воените дејствија.
Посетата имала и цел да изрази солидарност со митрополитот Сумски и Охтирски Евлогиј во врска со судскиот процес против него, соопштила Сумската епархија.
Во текот на посетата, Григориј разговарал со архијереите и ги посетил позначајните свети места во епархијата, меѓу кои храмот „Преображение Господово“ и соборниот храм „Света Троица“ во Суми.
Средбата со Онуфриј во Киев била кулминација на неговата посета на Украина и уште еден показател за поддршката што митрополитот Григориј ја изразил кон Украинската православна црква во периодот на војната.

