Теодор II, Патријарх на Александриската Црква, порачал дека мирниот соживот меѓу луѓето и народите е единствениот пат кон иднината и неопходна основа за целосно остварување на христијанскиот потенцијал.
Во говор на меѓународен собир за мир во Рим, организиран од заедницата за градење мир Sant’Egidio во Рим, патријархот истакнал дека „сега е време за дела, не за зборови; за дела, не за празни и лицемерни изрази на добра волја.“ Тој ги повикал верниците и сите луѓе со добра волја да се обединат во посветеност за живот, правда и заштита на човечкото достоинство – нагласувајќи дека „сите заедно, како едно семејство, мора да го заштитиме животот и да престанеме да фрламе зборови како бомби кои имаат моќ да уништат векови на соживот и меѓусебно разбирање.“
Патријархот појаснил дека христијаните треба да ја препознаат реалноста: светот е на критична точка и единствениот начин да се изгради подобро утре за човештвото е преку заедничка грижа, дијалог и меѓусебно почитување. „Мирниот соживот е наш единствен избор, а истовремено и суштински предуслов за да се открие скриениот потенцијал на христијаните“ — порачал тој.
Од Александриската Патријаршија објаснуваат дека повикот доаѓа во време на глобални кризи: во свет каде војни, конфликти и социјални неправди се сѐ почести, па јасното позиционирање на Црквата за мир и заштита на човечкиот живот станува особено значајна. Патријархот, исто така, ги поздравил иницијативите за продолжување на меѓурелигиските и меѓуцивилизациските дијалози, повикувајќи на доверба во Бога и во способноста на човештвото да гради братство и правда.
За време на посетата на Рим, Патријархот одржал приватна средба со Папата Лав XIV во Ватикан. Двајцата претстојатели разговарале за разни прашања во врска со нивните историски цркви и претстојното собрание во Никеја. Тие ја нагласиле важноста на нивното присуство и значајната порака што мора да ја пренесат на светот што копнее по радост, мир, надеж, љубов, труд, вера, меѓусебно разбирање и почитување.
Од Рим, Александрискиот патријарх заминал за Цариград, за да учествува, по покана на Вселенскиот патријарх Вартоломеј, на прославата по повод 1700-годишнината од свикувањето на Првиот Вселенски собор во Никеја.

