
Поглаварот на Руската православна црква вчера предупреди дека секој обид за уништување на Русија ќе значи крај на светот.
-Денес има големи закани за светот, за нашата земја и за целото човештво, рече патријархот Кирил на богослужбата по повод празникот Богојавление, верски празник во спомен на крштевањето на Исус Христос.
-Желбата да се победи Русија денес добива многу опасни форми. Му се молиме на Господ да ги вразуми лудаците и да им помогне да разберат дека секој обид да се уништи Русија ќе значи крај на светот, додаде Кирил.
Посочи и дека Русија има моќно оружје и луѓе кои имаат силна желба да победат.
-Денес е толку вознемирувачко време, но ние веруваме дека Господ нема да ја напушти руската земја… дека Русија ќе има сила… да ја заштити својата земја и својот народ“, заклучи поглаварот на Руската православна црква.
Патријархот Кирил се смета за жесток поддржувач на руската инвазија на Украина. Постоењето на добри односи меѓу Кремљ и црквата го потврди и самиот руски претседател Владимир Путин кога на православниот Божиќ и се заблагодари на Руската православна црква за нејзината улога во општеството.