Папата Лав XIV ја истакна Финска како пример за екуменска соработка, за време на средбата со финскатаекуменска делегација во Ватикан, одржана на вториот ден од Неделата на молитва за христијанско единство. Средбата се совпадна со празникот на свети Хенрик, заштитникот на Финска, а на неа учествуваа претставници на Лутеранската, Православната и Католичката црква.
Осврнувајќи се на темата на овогодинешната Недела на молитва за христијанско единство – „Едно тело и еден Дух, како што сте повикани кон една надеж“ – папата нагласи дека христијанската надеж е втемелена во заедничката вера и во едното Крштение за простување на гревовите, кое го опиша како корен на секое вистинско христијанско братство.
Папата предупреди дека современиот свет сè повеќе е обележан со чувство на безнадежност, истакнувајќи дека мисијата на христијаните е да бидат носители на надеж и да ја внесуваат светлината Христова во најтемните делови на општеството. Иако Јубилејната година на надежта заврши, тој нагласи дека христијанската надеж нема крај и не познава граници.
Посебно внимание папата посвети на Финска, која ја опиша како пример за практичен и плоден екуменизам. Тој ја пофали долгогодишната соработка меѓу Лутеранската, Православната и Католичката заедница, нагласувајќи ги заедничките напори за градење култура на достоинство, сочувство и надеж. Како значаен пример ја истакна и нивната заедничка заложба за унапредување на палијативната грижа за болните. Папата даде позитивна оценка за документот „Communion in Growth“, оценувајќи го како важна пресвртница на екуменскиот пат. Тој нагласи дека ваквите иницијативи, заедно со традицијата на заедничко одбележување на денот на свети Хенрик, сведочат за жив и делотворен екуменизам.
На крајот од средбата, папата ги охрабри учесниците во пресрет на новата фаза на меѓународниот католичко-лутерански дијалог и ги повери на застапништвото на светите апостоли Петар и Павле, како и на свети Хенрик.

