Почетна Анализа Пандемиски искушенија во пресрет на Рамазан и Велигден
Пандемиски искушенија во пресрет на Рамазан и Велигден

Пандемиски искушенија во пресрет на Рамазан и Велигден

143
0

Ќе ѝ се повтори ли на Македонија состојбата од пред една година, токму за верските празнувања, а со тоа и нов бран на заразени? Во екот на најголемиот бран и во периодот на почеток на вакцинацијата, почнуваат и рамазанските пости, на 13 април, но и велигденските празнувања, на почетокот на идниот месец.

Дали во овој период се потребни нови мерки или, пак, поголеми рестрикции? Кој е најсоодветниот одговор што ќе го заштити општото здравје, а од друга страна ќе овозможи остварување на верските слободи?

Оваа дилема се јавува повторно, а познавачите велат дека треба да се реагира навреме.
Епидемиологот Никола Пановски вели дека уште пред две недели требаше да се направат поригорозни мерки.

– Требаше порано да се донесат мерките. Додека работат трговските центри и рестораните, на толкав дневен број на заразени и починати, сѐ е веќе депласирано – кратко додава Пановски.
Изминатиот период, министерот за здравство Венко Филипче и Комисијата за заразни болести посочуваат дека нови мерки не е полезно да се воведат во ситуацијата, зашто вирусот е веќе доволно раширен низ популацијата.

Полицискиот час во земјава од 22 до 5 часот трае од 10 март годинава.

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот што се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1.720, а во ковид-центрите има околу 230 празни болнички кревети.

Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје се хоспитализирани 50 нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупно 699 лица сомнителни и потврдени на ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град.

Десетици европски земји повторно ги ставија во сила мерките поради страв дека луѓето ќе се групираат за најголемиот католички празник Велигден.

Светската здравствена организација порача верските собири во Европа да се одржуваат на отворено, со оглед на тоа што доаѓаат верските празници Велигден и Рамазан.

– Во земјите каде што заразата се шири повеќе, треба сериозно да се размисли за виртуелни собири, за одложувања или за намалување на големината на овие собири – препорача СЗО.

Оттаму сметаат дека сите религиозни обреди треба да се одржуваат надвор, ако е можно, или да се намалат по обем и времетраење, во однос на проредот, вентилацијата, миењето на рацете и употребата на маски.

– Уште подобро е ако се слави само со членови на домаќинството. Треба да се избегнува секој контакт во случај на симптоми и карантин. Што се однесува до собирите во затворени простори, тие се особено опасни, дури и ако се помали, затоа што се собираат членови на различни домаќинства, иако официјално не се забрануваат овие собири – додава СЗО.

/Радмила Заревска (Нова Македонија)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *