Нова.рс: Обвинителството во Словенија го гони Српскиот патријарх Порфириј за малтретирање на свештеник

Date:

Share post:

Државното обвинителство Словенија уште на 12 јануари поднело обвинителен акт против Српскиот патријарх Порфирије поради малтретирање на работното место.

Српската Нова.рс, објави дека има увид во документот што неодамна го најави свештеникот Жељко Лубарда, кој бил жртвата на малтретирање, бидејќи одбил лажно да сведочи за да се прикријат финансиски малверзации во црковната благајна, во периодот кога Порфирије беше Загрепско-љубљански митрополит.

Според документ на Окружното државно обвинителство во Љубљана од 10 февруари 2026 година, обвинителниот предлог е поднесен против патријархот на Српската православна црква Порфириј Периќ, како и против Српската православна црква – Црковната општина Љубљана како правно лице.

Во одговор на прашање од Нова.рс, словенечкото обвинителство потврдило дека во овој случај до Основниот суд во Љубљана е поднесен обвинителен предлог, а дел од кривичната пријава против други лица во меѓувреме е отфрлен.

Поранешниот љубљански парох Жељко Лубарда тврдеше дека бил изложен на долготраен и систематски мобинг затоа што не сакал да премолчи, како што наведува, финансиски малверзации во црковната благајна.

„На тоа малтретирање бев изложен додека врз основа на договор за работа бев вработен како свештеник во Црковната општина во Љубљана. Малтретирањето на кое бев изложен веќе е правосилно потврдено пред Судот за работни и социјални спорови и според сите параметри претставува најтежок случај на малтретирање на вработен во судската практика во Словенија“, изјавил Лубарда за Нова.рс.

Според неговите зборови, патријархот Порфириј веќе бил сослушан пред истражен судија. Лубарда истакнува дека, покрај Порфириј, обвинета е и Црковната општина во Љубљана како правно лице, „одговорна за спроведување на неговите прогонства“.

„Сега е на судот да ја провери законитоста на обвинителниот акт и да закаже почеток на судењето, кое се очекува во наредните месеци“, изјави Лубарда.

Обвинителниот предлог се однесува на кривичното дело малтретирање на работното место според членовите 196 и 197 од Кривичниот законик на Република Словенија. За истото дело се товари и Српската православна црква – Црковната општина Љубљана како правно лице, со образложение дека делото во нејзино име и за нејзина сметка го сторил Порфириј како нејзин челник.

Во образложението на обвинителството се наведува дека Порфириј, во својство на митрополит, ги повредил правата на вработениот свештеник Жељко Лубарда, кој бил вработен во Црковната општина Љубљана од 2014 до 2017 година. Според наводите на обвинителството, Периќ наредил на Лубарда да му биде врачен отказ на договорот за работа со образложение дека станува збор за деловна причина.

Меѓутоа, како што се наведува во извештајот на обвинителството, причините наведени во образложението на отказот, како што се неисполнување на условите, квалитетот и довербата, не претставуваат деловни причини што произлегуваат од сферата на работодавачот.

„Одмазнички потег“

Според ставот на обвинителството, вистинската причина за отказот била, како што се наведува, осветнички потег затоа што Лубарда се спротивставил на наредбата за преместување на друга парохија.

Во извештајот се наведува дека најпрво било планирано негово преместување во Ново Место во Словенија, а потоа во Копривница во Хрватска. Таквото преместување, според наводите на обвинителството, не било последица на објективни потреби на службата, туку на субјективна причина.

Обвинителството понатаму наведува дека од октомври 2014 година врз Лубарда било вршено психичко насилство, понижување и нееднакво постапување, што кај него предизвикало чувство на понижување и страв. Како причина за таквото постапување се наведува фактот дека Лубарда соработувал во кривичната постапка против свештеникот Бошковиќ.

Според наводите на обвинителството, Порфириј поради тоа му упатувал замерки и му се заканувал со преместување, што во извештајот се опишува како неоправдана казна.

Во документот се наведува и дека таквото постапување довело до сериозни последици по здравјето на оштетениот. Кај Лубарда, според наодите наведени во образложението, се развило нарушување на адаптацијата со анксиозни и депресивни симптоми, што довело и до намалување на неговата работна способност.

Проневера на црковни пари

Мобингот врз Лубарда, како што е утврдено на Судот за работни и социјални спорови, започнал откако како тогашен старешина на Српската православна црква во Љубљана, а по налог на тогашниот митрополит Јован Павловиќ, пријавил сомнително работење на поранешниот старешина на храмот Перан Бошковиќ. Бошковиќ во меѓувреме правосилно е осуден за проневера на црковни пари.

Истовремено, како што тврди Лубарда, врз него бил вршен притисок од страна на Порфириј да не смее да сведочи во случајот Бошковиќ, што тој го одбил.

„Намерата беше со прогон да се спречи моето сведочење во кривичната постапка против поранешниот свештеник од Љубљана, бидејќи категорично одбив лажно да сведочам. Тоа сведочење за мене не беше само граѓанска обврска, туку исполнување на темелните начела на мојата светосавска вера и заштита на Црквата. По тоа сите прогонства имаа цел брутално да ме казнат мене и моето семејство, а беа мотивирани исклучиво од мојата улога во разоткривањето на криминалот во Српската православна црква“, изјави Лубарда.

Судот за работни и социјални спорови во Словенија претходно правосилно утврдил дека Лубарда бил жртва на „еден од најтешките случаи на малтретирање на вработен во словенечката практика“, а во судската документација се наведуваат речиси 50 конкретни дејствија на мобинг.

Токму тие наоди биле основа за кривичната пријава против Порфириј и обвинителниот предлог.

Лубарда тврди дека поради притисоците останал без приходи и дека со сопругата и четирите деца завршил без покрив над главата, додека поради нарушеното здравје му бил признаен и статус на инвалид.

Од друга страна, свештеникот Перан Бошковиќ правосилно е осуден за проневера на црковен имот на шест месеци затвор, условно на две години. Во Српската православна црква, и покрај пресудата, без казнување на црковен суд продолжил да ја извршува свештеничката служба сè до пензионирањето.

Нова.рс пишува дека се обратилле до Информативната служба на Српската православна црква со прашање за коментар за постапката што се води против поглаварот на Српската православна црква, но до објавувањето на текстот не добиле одговор.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img