Почетна Анализа Најпразнуваниот свети Никола – заштитник на сите што го почитуваат
Најпразнуваниот свети Никола – заштитник на сите што го почитуваат

Најпразнуваниот свети Никола – заштитник на сите што го почитуваат

418
0

Празникот Свети Никола, кој денеска го слават православните христијани во Македонија, заедно со Свети Димитрија (Митровден) и Пресвета Богородица, се трите најмасовни домашни слави што се прославуваат во Македонија. Сепак, Свети Никола е еден од празниците што македонските православни верници најмногу го слават како домашна слава или, пак, како именден. Речиси секое второ семејство овој ден го празнува како слава. Свети Никола е најпразнуваниот светец и многу македонски семејства вечер ќе го прослават празникот со богата посна трпеза, на која преовладуваат риба и посни сарми. Во Македонија и во светот има безброј цркви, манастири, икони и фрески посветени на овој светец. Овој светец имал многу возбудлива животна приказна, која со векови ги фасцинира христијаните. Роден во малоазискиот град Патара, пристаниште на медитеранскиот брег на денешна Турција, свети Никола живеел во 4 век, многу пред расколот помеѓу Православната и Католичката црква од 1054 година.

Неговите богати родители Теофан и Нина, го добиле синот Никола во време на владеењето на римскиот цар Валеријан (253 – 260 година), алчен човек што поради страста за златото организирал воен поход на Персиското Царство. Младиот Никола растел во такво нестабилно опкружување. Кога неговите родители умреле во големата епидемија, Никола го разделил целото наследено богатство. Никола е избран за архиепископ мирликиски. Бил и еден од архиепископите што се повикани пред царот Константин на саборот во Никеја во 325 година. Свети Никола умрел на 19 декември 343 година. Погребан е во соборната црква „Мирликиска митрополија“, а кон крајот на 11 век неговите мошти се пренесени во Бари, во манастирот „Свети Јован Претеча“.

Професорот од Теолошкиот факултет во Скопје Ратомир Грозданоски вели дека свети Никола е еден од светителите што ги празнуваат сите христијани и имаат еднаква почит кон него, и католиците и православните, но интересно е што го празнуваат и протестантите.

– Името Никола е многу распространето и се среќава и меѓу православните, и кај римокатолиците, и кај протестантите, како: Никола, Николај, Николаос, Ник, Никол, Ниче, Коле, па Николина, Ники… На сите овие имиња коренот им е од Никола. Сите тие се носители на едно прекрасно име – на името свети Никола – објаснува професорот Грозданоски.

На многумина денес им е јасно дека зад ликот на Дедо Мраз од бајките има сосема реален прототип – светиот Николај Мирликиски, епископот ликиски и на градот Мир. Тој е свет заштитник на сите немоќни, бедни и сиромашни и на патниците.

Славите имаат корени во македонската традиција

Но што е домашна, слава, а што именден? Како се празнува? Од кога домашните слави се практикуваат во Православната црква? Сите овие прашања стануваат актуелни во периодот кога верниците се собираат околу домашната трпеза за големите празнични денови. Теолозите истакнуваат дека одбележувањето на домашниот празник или слава претставува начин на прославување на светителите, како што практикува и македонскиот православен народ во својата традиција и црковно живеење. Сметаат дека тоа треба да се негува како духовен белег на македонскиот народ и држава. Професорот Ратмомир Грозданоски во своите теолошки толкувања на верата пишува дека историјата на домашни слави во Македонија има долги корени.
– За празнувањето домашен празник, именуван како крсно име или крсна слава или именден, кај нашиот македонски народ е запишано уште во 1018 година, непосредно по пропаѓањето на царството на Самуил. Тоа е прв запишан случај на одбележување домашен празник кај словенските народи. Празнувањето се случило во градот Девол, кој денес не постои. Тој град се наоѓал јужно од Охрид. Еден наш војсководец, Македонец, по име Ивец, празникот Успение на Пресвета Богородица, Голема Богородица (на 28 август, по нов календар), го празнувал како своја домашна слава или крсно име, како што стои во записите. Неговиот противник, византиски војсководец, знаејќи дека на слава, според обичајот, дома се прима секој што ќе дојде, отишол на гости кај Ивец. Домаќинот го примил во својот дом, иако биле непријатели. Откако добро го нагостил, лукавиот Византиец, пред заминување, му рекол: „Може ли нешто да поразговараме насамо, во четири очи, само ние двајцата?“. Се тргнале малку настрана, во дворот, и притоа го ослепел. Нечесно и злобно, Византиецот, ги злоупотребил гостопримството и домашниот празник на македонскиот војсководец Ивец. Токму заради тоа настанот е запишан во еден стар запис, бидејќи тој направил такво злодело, на денот на славата. Тоа, пак, значи дека уште во 11 век, на писмен документ имаме потврда дека во Македонија, и пред Србите и пред Бугарите, ние Македонците сме одбележувале домашен празник, слава и крсно име – вели професорот Грозданоски.

/Радмила Заревска (Нова Македонија)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *