Меѓурелигискиот совет на Босна и Херцеговина издаде соопштение во кое остро ги осуди изјавите на Мустафа Цериќ, поранешен поглавар на Исламската заедница во земјата, поврзани со идејата за формирање таканаречена „Босанска православна црква“.
Советот, кој е основан во 1997 година и ги обединува верските лидери на Исламската заедница во Босна и Херцеговина, Српската православна црква, Католичката црква во Босна и Херцеговина и Еврејската заедница, ги оцени овие изјави како „злонамерни и неодговорни“. Во соопштението се нагласува дека поединец си зема за право да предлага, па дури и да диктира начини на уредување и организирање на Црквите и верските заедници.
Меѓурелигискиот совет посочи дека ваквите ставови биле изнесени јавно преку интернет-платформи и социјални мрежи и дека тие не одразуваат никакви институционални или официјални позиции. Според Советот, јавните изјави од ваков тип, со јасна намера, придонесуваат за создавање и продлабочување на недоверба и за нарушување на меѓурелигиските односи во земјата. Особено загрижувачки, како што се наведува, е фактот што Мустафа Цериќ бил еден од учесниците во основањето на самиот Меѓурелигиски совет, што на контроверзните изјави им дава дополнителна тежина.
Во исто време, Советот ги осуди сите напади врз заедничките вредности и ги повика сите општествени чинители јасно да се оградат од „злонамерни и неодговорни предлози и изјави на приватни лица“. Притоа беше нагласено дека ваквите ставови на никаков начин не ги изразуваат позициите на која било Црква или верска заедница, ниту, пак, ставовите на Меѓурелигискиот совет на Босна и Херцеговина.

