Во вечер исполнета со вера, младост и македонско достоинство, МОЈА го прослави својот голем јубилеј — 20 години постоење. Повеќе од 500 млади луѓе од сите краишта на Австралија, заедно со православни браќа и сестри од различни нации и цркви, испратија силна порака дека иднината се гради преку љубов, заедништво и духовно единство.
Од мала младинска иницијатива до живо движење на генерации Македонци во Австралија — МОЈА денес претставува сведоштво дека она што е создадено со вера и жртва, останува и расте.
-Овој историски јубилеј не беше само прослава на една организација, туку сведоштво за две децении духовна борба, младинска ревност, зачувување на македонскиот идентитет и православната вера меѓу генерациите Македонци во Австралија, велат од МОЈА.
Основана во 2006 година како мала иницијатива на група млади ентузијасти, МОЈА денес прерасна во една од најпрепознатливите младински православни организации во Австралија, со членови во Мелбурн, Џилонг, Сиднеј, Бризбен и пошироко.
Посебно место во историјата на организацијата има отец Гаврил (Галев), игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“ во Кинг Лејк — основач, духовен двигател и долгогодишен претседател на МОЈА. Со визија, жртва и непоколеблива вера, отец Гаврил уште од самиот почеток веруваше дека македонската православна младина може да создаде генерации кои ќе останат верни на Христос, на Црквата и на своето македонско наследство. Денес, дваесет години подоцна, времето покажа дека делата кои се темелат врз вера, искреност и заедништво не можат да бидат разрушени. МОЈА опстана и се изгради токму преку љубовта, пожртвуваноста и доброволниот труд на своите членови и поддржувачи, велат од македонската православна младина.
На гала вечерта присуствуваа бројни гости од политичкиот, религискиот, дипломатскиот и општествениот живот. Прославата била збогатена и со присуството на млади луѓе и свештени претставници од Руската, Грчката, Антиохиската, Романската и Српската православна заедница, што претставува уште едно сведоштво за сеправославниот дух што МОЈА го гради со години.
Во своето обраќање, претседателот на МОЈА, Мартин Масалковски, потемцирал дека „Дваесет години не се дестинација. Тоа е темел. Идната генерација гледа. Да изградиме нешто достојно за нив.”
Настанот е организиран со благослов на Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и отецот Гаврил, чие духовно водство останува длабоко вградено во мисијата и идентитетот на МОЈА.
„Вечерва е вистинска гордост да се биде Македонец. Собрани во Мелбурн од сите генерации и од сите краишта на Австралија, да ја прославиме 20-годишнината од постоењето на МОЈА навистина е вистинска гордост на секој Македонец. Денес на дело ги остваруваме и зборовите на нашиот најпознат деец и револуционер Гоце Делчев, кој вели: ‘Јас го разбирам светот како поле на културен натпревар помеѓу народите’, затоа што вечерва во оваа сала се собрани млади луѓе од различни нации со кои заеднички живееме во оваа наша прекрасна втора татковина — демократска и мултиетничка Австралија. Затоа сакам да ги поздравам сите овде присутни кои што дојдоа да ни ја разубават оваа наша заедничка прослава… Вечерва и по некоја случајност, а за Бога нема ништо случајно, се слават нашите рамноапостоли, солунските браќа светите Кирил и Методиј и ќе завршам со зборовите на едниот од нив, на светиот Кирил кој прв се упокоил и му порачал на својот брат Методиј: ‘Каде што јас застанав, ти продолжи!’ Така и оваа порака да се пренесува од генерација на генерација и оваа наша заедничка организација никогаш да не запре“, изјавил отец Гаврил пред присутните.
-Огромната посетеност, исполнетата сала со повеќе од 500 млади луѓе и силната поддршка од целата заедница покажаа дека МОЈА денес не е само младинска организација, туку вистинско духовно и национално движење на новите генерации Македонци во Австралија. Присуството на млади луѓе од различни православни цркви и народи беше уште едно сведоштво дека МОЈА прерасна во симбол на заедништво, почит и православно братство. Она што започна како мала иницијатива водена од вера, ентузијазам и жртва, денес стои како жив доказ дека делата создадени со љубов, пожртвуваност и Божји благослов не само што опстојуваат, туку стануваат посилни со секоја нова генерација. А токму оваа огромна поддршка и љубов од народот претставуваат најголема потврда дека сите години труд, пожртвуваност, искушенија и духовна борба вложени во МОЈА заслужуваат искрен респект, благодарност и признание. Зашто, кога едно дело ќе успее да обедини генерации млади луѓе околу верата, Црквата и македонскиот идентитет — тогаш тоа дело веќе станува историско сведоштво и благослов за иднината, велат од организиацијата.







