Што е постот? Зошто и како се пости? Историјат и поуки, за постот и исхраната, за постот и духовноста. Сите најзначајни аспекти на овие делови во овие Велигденски пости, за „МИА“, ги објаснува универзитетскиот професор и еден од најеминентните теолози во Македонија, Ратомир Грозданоски.
„Религија.мк“, преку верскиот буквар, ги пренесува овие верски поуки на професорот Грозданоски.
Постот на Страстната седмица
Велигденскиот пост завршува пред Страстната седмица која се издвојува во посебна седмица на страданијата. Постот, според поставениот ред, ги завршува своите 40 дена во петокот пред Лазарева сабота (во VI седмица).
Тие последни денови пред Велигден се поминуваат во строго постење, според зборовите на Господ Исус Христос, којшто рекол: „Но, ќе дојдат дни, кога ќе се оддели од нив младоженецот и тогаш, во тие дни, ќе постат“ (Лука 5,35; Марко 2,1920; Матеј 9,15).
Апостолските правила, Велигденскиот пост го нарекуваат Велика/Голема Четириесетница на која се надоврзува Страстната седмица, постејќи со страв и трепет.
„Четириесетница е до седумте дена пред Пасха. Потоа, шесте дни до Пасха целиот народ ги поминува во сувојадење“, вели свети Епифаниј Кипарски.
На Велики Четврток, се јаде еднаш дневно и тоа по завршувањето на Светата Литургија.
На Велики Петoк, по своја волја, некои верници не јадат ништо до зајдисонце.
Велика Сабота е единствената сабота во која се пости со пост на вода, а оние што можат, остануваат цел ден на суво јадење.
Проф др. Ратомир Грозданоски

