Јеромонахот Спиридон, игумен на манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во Јанковец, тврди дека неговите зборови, од читање на Синодикот за неделата на Православието биле искривено и тенденциозно пренесени. Во изјава за дневниот весник Вечер, Јеромонахот на МПЦ-ОА, вели дека бил целосно сум погрешно интерпретиран и тоа што е објавено е целосно извртување на вистината и на суштината на она што го кажал во проповедта.
-Тоа е намерно направено за одредени цели. Секој што изворно ќе го слушне изговореното и внимателно ќе го прочита изговорениот текст, ќе се увери во тоа. Ниту сум зборувал против вакцинирањето, против медицинските работници, ниту против вештачката интелигенција, ниту сум ја бранел власта. Она што сум го зборувал е тоа дека луѓето не треба да се вакцинираат против своја волја, дека не треба да се принудуваат присилно и со уцени да го прават тоа, дека никој не треба да влијае врз некого како да постапи, туку луѓето да имаат право на слободен избор, кој ќе се базира на нивната слободна волја. Тие што си зедоа за право да се мешаат во слободната волја на луѓето, што им ја одземаат слободната волја. Во тој контекст, јас и го изговарам зборот „анатема“. Јас никако не сум против докторите – вели за Вечер јеромонах Спиридон.
Религија.мк, го објави видеото од читање на Синодокотот, што самиот манастир го има поставено на својата фејсбук страница. И на тоа видео сосема јасно се слуша и гледа дека јеромонахот на МПЦ-ОА, кога го чита Синодиконот, си додава зборови и реченици кои не се дел од црковниот текст и јасно за нив повикува на анатема.
Спиридон, попладнево на фејсбук страницата на манастирот ја сподели својата изјава за дневниот весник Вечер, но во коментар на постот ја надополни со клевети навреди врз уредникот на Религија.мк.
Неговата реакција ја пренесуваме во целост.
-Заради тежината на споменатите “проблематични” точки, кои однесоа и однесуваат или уништуваат човечки души , најдов за потребно да ги спомнам во овој чин зашто неможе тукутака да помине сѐ и проблемот да се става под тепих заради некаков привиден мир. Јас не сум светител ниту оној кој е избран да го спаси светот, ама сум повикан да го заштитам тој верен народ кој ми ја положил довербата за приведување кон Господ Исус Христос од сите тековни опасности кои можат да му наштетат духовно. Анатемата сама по себе е духовно лекарство за оние кои отстапиле или затраниле од вистината, за оние кои се поставуваат со сила и над Христос и ја силуваат слободната волја, кои освен Спасетелното дело на Господ Исус Христос го заменуваат со лажни надежи и лажни ласкави техничко технолошки алатки и промоција на неприродни состојби на човекот и нивно растројство како што е хомосексуалноста. Срамота е вистината која беше кажана во тој чин и целта која ја имаше да биде поинаку односно крајно манипулативно и помрачено изнесување од новинар кој има за цел да внесува раздори во црквата и смут кај верниот народ.. неможе а и не смее да толкува православни работи и служби човек кој клања во џамии, со тоа покажува дека истиот се откажал од вистинската вера и неговиот ум е помрачен од демонот на гордоста и себељубието. Господ нека му прости зашто вистина незнае што прави. Му проштевам и јас и пожелно е побрзо да се исповеда и го исправи патот кон покајание и разумно да го чекори истиот зашто освен гревот ништо друго не нѐ разделува од Вистинскиот Бог Исус Христос. Игумен Спиридон.
Редакциски коментар.
Нервозната реакција на Јеромонахот Спиридон, и тоа за време на постите, покажува само на кое ниво како духовник усеал да се изгради и да стаса до чин Јеромонах. Неговиот настап и чинот што го носи, едноставно не соодветствуваат.
Како коментар на неговата реакција, околку лагите за некави ритуални настани по џамии, би било добро Спиридон да објасни дали и митрополитот Пимен клања по џамии, кога веќе се дрзнува да лаже и спинува.
Додека се одлучи да одговори, топло му препорачувам да ја изгледа емисијата, првата епизода од На Иста Страна, снимена токму во Ресен, па веројатно можеби ќе научи нешто за традицијата и културата на живеење на луѓето од регионот на манастирот, каде што сега тој проповеда, откако помина низ неколку манастири на МПЦ-ОА.

