Кога народот нема силни институции, си создава митови. За Македонија тоа се Марко Крале – симбол на силата, и Итар Пејо – симбол на умешноста. Но, додека Марко одамна избледе, Итар Пејо никогаш не бил пожив. Денес тој е во секој од нас: во комбинациите за бесплатен паркинг, преглед без ред или гратис карта. Итар Пејо преживеа затоа што секогаш имаше свој Насредин Оџа. Кога го изгуби Белград и Стамбол, го најде Брисел и Вашингтон. И повторно – мајтапот го плаќаме ние.
Духот на Итар Пејо не само што ја преживеа кризата, туку се храни од неа. Од аболициите и 27 април, до пратенички трошоци и зиплајни – итроштините продолжуваат. Нашата транзиција трае предолго, а општеството уште не созреало. Борбата сега е двојна: против купените и заблудените сограѓани, но и против Итар Пејо во себе. Победата ќе дојде кога „ние народот“ ќе стане „јас граѓанинот“. Само така ќе изградиме држава која е user friendly – пограѓанска, посоцијална, почесна.
Но не смееме да ги повториме грешките од ’45 и ’91: наместо реваншизам, треба правда; наместо „заслужни“, треба стручни. По три децении талкање, мора да разбереме дека ЕУ и НАТО не се реморкер што ќе не извлече. Без јасна визија, државата ќе се распадне одвнатре.
Новата власт во 2017 не направи јасен пресврт. Наместо ново поимање на политиката како сервис на граѓаните, добивме стари навики под нова шминка. Наместо визија – ситни скандали. Во Македонија политиката сè уште е мотивирана од две нешта: слава и пари.
Народот остана без план, како јато китови насукани на плажа. А владата, зафатена со импресии кон меѓународниот фактор, ги заборави домашните задачи. Правдата е во агонија – реформите пропаднаа, политички монтираните случаи стојат, а должничкото ропство расте. Здравството треба итна реформа – јавните болници да функционираат како приватните, без празни ветувања за нов клинички центар. Образованието бара вистинска програма, хигиена и технички услови, а не фасадни промени.
Екологијата е на колена – депониите и загадувањето не се решаваат со забрани, туку со технологија и визија. Земјоделието фрли милијарда евра во ветер, а може да биде наш нов извозен мотор. Финансиите бараат праведност, не декларативна рамност. Богатството стекнато со криминал мора да се врати на народот.
Во локалната власт, тендерите, зиплајните и тунелите го замениле вистинското планирање. А во Скопје, наместо чист воздух – маркетинг и идеи од дното. МВР може многу да направи само ако со волја да ги спроведе постојните прописи.
Културата молчи за криминалот на Скопје 2014, а социјалата ја сведочиме секој ден низ контејнерите и улиците. Најзагрозените не смеат да чекаат закони – треба итна човечност, сега и тука.
Во ваква констелација, МАНУ е симбол на неефикасност. Наместо стратегија, имаме молк. Време е државата да се насочи кон производство на храна и енергија под државна контрола, а не кон нови олигополи и странски монополи.
Состојбата е очајна. Министерствата се млитави, администрацијата демотивирана, а парламентот најслаб досега. Но, ако падот на Груевски беше прв чекор, вториот мора да биде укинување на Груевизмот – партизацијата и клиентелизмот. Шок-терапијата е неопходна: затворање на криминалните партии, отворање на пратеничките листи и целосна деполитизација на институциите.
Изгубивме 27 години во тунелот на транзицијата. Сега е време конечно да се види светлина – не од возот што доаѓа, туку од излезот. Времето е кратко, а притисокот врз граѓаните се зголемува.
Пишува:Владимир Куновски, кандидат за градоначалник на Скопје поддржан од Работничка партија


