Почетна Вера Христос Воскресна – Славете го!
Христос Воскресна – Славете го!

Христос Воскресна – Славете го!

389
0

Христијаните од целиот свет го слават Воскресението Христово, смислата и суштината на Христијанството. Велигден е столбот на христијанското учење. „Христос Воскресна – Вистина Воскресна“ е традиционалниот поздрав со кој Христијаните ја пренесуваат веста за Воскресението на Христос.

Колкаво е значењето на овој ден Велигден и на самиот чин на Воскресение, најсликовито објаснуваат зборовите на Апостол Павле. „Ако Христос не воскреснеше, празна ќе беше Вашата вера и залудна ќе беше нашата проповед. Но Христос Воскресна“, запишал Апостолот современик на Христос.

Веста за Воскресението синоќа на полноќ беше објавена во сите храмови и манастири на Македонската Православна црква, каде потоа се служеа Велигденски воскресни литургии.

Велигденска миса беше одржана во католичката катедрала „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје и во сите други храмови на Католичката црква, но и на протестантските цркви во Македонија.

Православните, католиците и протестантите оваа година во исти ден го слават најголемиот христијански празник Велигден, што пак ја прави поголема и радоста за овој празник

Кршењето на велигденските јајца, што практично го означува и крајот на велигденскиот пост е составен елемент во чествувањето на Велигден.

Така поздравувајќи се, првиот ја соопштува веста за Христовото воскресение, додека вториот ја потврдува, а всушност и двајцата ја исповедуваат својата вера во Воскресението.

Црвената боја има симболика на победа. Нејзиното значење на овој голем Христијански празник е дека Господ Исус Христос со своето воскресение ја победил смртта.

Црвената боја ја претставува божјата сила и моќ, а водено ја симболизира и христовата крв, која Исус ја пролеал на крстот за спасение на сите луѓе на земјава. Така, бојата на јајцето не потсетува на крвта христова и спасението.

Според хронологијата на Христовите настани забележани во Евангелието, се знае дека на Велики Четврток, Господ Исус Христос на Тајната вечера ја востановил Светата тајна причест (Евхаристија), земајќи ги за основа лебот и црвеното вино, кои се претвораат во Христовото тело и крв. Оваа света тајна – Евхаристија е дадена за спасение на луѓето, а за основа ја има Христовата крв.

Затоа црвената боја, симболизирајќи ја христовата крв од светата причест ги украсува велигденските јајца. Како што бојадисаните црвени јајца од Велики четврток се јасна најава за блискоста до Велигден, така и тогаш, на Велики четврток на Тајната вечера, Христос јасно најавил и кажал дека наскоро ќе биде предаден, ќе пострада и ќе воскресне.

Според Светото предание се смета дека Марија Магдалена, една од жените мироносци прва го започнала овој обичај за велигденските црвени јајца.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *