Почетна Политичка теологија Грција воведува „Посна кошничка“ со евтини производи за време на велигденските пости
Грција воведува „Посна кошничка“ со евтини производи за време на велигденските пости

Грција воведува „Посна кошничка“ со евтини производи за време на велигденските пости

741
0

Во пресрет на велигденските пости, Министерството за развој на Грција од следната седмица во супермаркетите воведува „Посна кошничка“ со производи по прифатливи цени за потрошувачите, јави дописничката на МИА од Атина.

„Посната кошничка“ претставува проширување и дополнување на „Кошничката за домаќинствата“, со основните продукти, чии цени треба да останат исти или да има минимални покачувања, мерка што веќе речиси 18 месеци се спроведува во маркетите.

Од среда, се додаваат три нови категории на производи неопходни за посната трпеза, односно алва, посни салати и најмалку два вида замрзнати морски продукти.

Министерската одлука за „Посната кошничка“ што ќе важи до 4 мај, денеска ја потпиша министерот за развој на Грција Костас Скрекас, кој рече дека сакаат „секој дом да има пристап до квалитетни производи по најниски можни цени“.

Пракса на грчката Влада е „Кошничката за домаќинствата“ во одредени периоди од годината да се дополнува со сезонски продукти, како што беше случај за Божиќ, кога беа воведени производи поврзани со божиќната трпеза.

„Кошничката за домаќинствата“ во грчките супермаркети беше воведена во ноември 2022 година, а содржи над 50 производи, меѓу кои ориз, леб, двопек, брашно, макарони, свинско и пилешко месо, риба, млеко и млечни производи, јогурт, јајца, различни видови сирење и кашкавал, зејтин, шеќер, кафе, какао, сокови, бебешка храна, средства за чистење, детергенти, тоалетна хартија, паста за заби, производи за лична хигиена…

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *