Кога велите дека Српската православна црква е иста и во Скопје – на што точно мислите?
/М.Г.
Со должно почитување кон претседателот на Република Србија, г. Александар Вучиќ, како и со искрена почит кон соседниот и пријателски српски народ, чувствуваме обврска да потсетиме на една историска и црковна вистина која за македонскиот народ не е ниту прашање на дневна политика, ниту предмет за надмудрување – туку дел од неговото духовно и национално битие.
По изјавата дека Српската православна црква е една и иста „во Мркоњиќ, Пирот, Сиднеј, Скопје, Франкфурт, Мелбурн и на секое друго место во светот“, природно се поставува едно едноставно прашање: на која Српска православна црква во Скопје се мисли?
Господине претседателе,
Македонскиот народ, од Македонија и од дијаспората, Ве потсетува дека својата православна вера со векови и векови ја живее во Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Таа не е производ на нечија моментална политичка волја, ниту институција создадена за потребите на една генерација.
Нејзиното постоење и потоа и возобновување е плод на долгогодишниот стремеж на македонскиот православен народ кон обновување на древната Охридска архиепископија.
По нејзиното укинување во 1767 година, стремежот за возобновување на Охридската архиепископија останал жив меѓу македонскиот народ. Во текот на Втората светска војна, кога се создале првите услови, повторно јасно и недвомислено се поставило прашањето за самостојно организирање на црковниот живот во Македонија, а во 1944 година бил формиран Иницијативниот одбор за организирање на Македонската православна црква.
На Првиот црковно-народен собор во Скопје во 1945 година била донесена резолуција за возобновување на Охридската архиепископија како Македонска православна црква.
Следувале години на разговори, несогласувања и настојувања на македонскте свештеници со српските архиереи.
На Вториот црковно-народен собор во Охрид во 1958 година, Охридската архиепископија била возобновена во лицето на Македонската православна црква, со свој поглавар.
На Третиот црковно-народен собор во Охрид во 1967 година била прогласена автокефалноста на Македонската православна црква.
Поминаа цели 55 години во кои МПЦ-ОА ја сведочеше љубовта, но и ја очекуваше од сите православни цркви.
Во 2022 година конечно започна надминувањето на долгогодишниот црковен спор. На 9 мај Вселенската патријаршија ја прими јерархијата, свештенството и народот на Црквата предводена од архиепископот Стефан во евхаристиско општење, со што беше надмината повеќедецениската канонска изолација. Потоа и Српската православна црква го обнови литургиското единство и го призна прогласениот автокефален статус на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.
Токму затоа, четири години подоцна, изјави во кои Скопје се наведува како место на кое Српската православна црква е „една и иста“, не можат да поминат незабележано кај македонската јавност.
Не затоа што македонскиот народ посакува нов спор со српскиот народ.
Напротив.
Македонскиот народ отсекогаш умеел да го почитува српскиот народ, неговата вера, неговата Црква, неговата историја и неговите светињи. Токму затоа очекува иста таква почит кон сопствениот идентитет, кон својата Црква и кон историскиот пат што го изодел.
По толку децении недоразбирања и по историското помирување од 2022 година, најмалку што им е потребно на двата блиски православни народа е повторно отворање на прашања за кои се веруваше дека конечно се затворени.
Дополнително загрижуваат и сè почестите јавни настапи, емисии и тези во кои за дел од древни храмови и манастири на територијата на Македонија се говори исклучиво како за „српски манастири“ што преставува непочит кон македонскиот православен народ.
Историјата треба да се проучува. За неа треба слободно да разговараат историчарите, теолозите и научниците. Средновековното наследство на Балканот е сложено и не може механички да се претвора во аргумент за современа црковна јурисдикција.
Но едно е историското наследство, а сосема друго е денешниот канонски и црковен поредок.
А денес православниот македонски народ во Македонија има своја помесна Црква – Македонската православна црква – Охридска архиепископија.
Тоа не е насочено против Србија.
Тоа не е насочено против Српската православна црква.
И тоа никако не треба да биде причина за разделување.
Напротив, признавањето и почитувањето на другиот е единствениот здрав темел врз кој може да се гради вистинско братство.
Не сакаме да внесуваме раздор. Не сакаме да градиме нови ѕидови меѓу Македонците и Србите. Не сакаме старите црковни спорови повторно да стануваат инструмент на политиката.
Но исто така не сакаме ниту да молчиме кога се допира нешто што македонскиот народ го смета за свое најдлабоко духовно наследство.
Македонскиот православен народ со генерации покажа која Црква ја чувствува како своја. Во најтешките години, и кога нејзиниот канонски статус беше оспоруван, тој остана во своите храмови, со своите свештеници и архијереи, во својата Македонска православна црква – Охридска архиепископија.
За нас Македонците МПЦ-ОА во никој случај не е автокефална од 2022, туку од 1967 година.Токму таа реалност – автокефалноста од 1967 конечно беше прифатена во процесот на црковното помирување во 2022 година.
Затоа, господине Вучиќ, со сета должна почит кон Вас и кон соседниот српски народ, потребно е едно појаснување:
Кога велите дека Српската православна црква е иста и во Скопје – на што точно мислите?
Зашто во Скопје, во Охрид, во Битола, во Струмица, во Прилеп, во Куманово и низ цела Македонија, како и насекаде каде што битисува македонскиот православен народ ја знае, ја градел, ја бранел и ја чувствува за своја само:
Македонска православна црква – Охридска архиепископија.
А взаемната почит кон таа реалност е најдобриот пат и Македонците и Србите никогаш повеќе да не се враќаат кон црковните конфликти од минатото.

