Дебарско-кичевскиот митрополиот Георгиј заедно со викарниот епископ Антаниски Партениј ја одбележаа манастирската слава на манастирот во Рајчица со заедничко сослужување. По литургијата надлежниот митрополит го освети и новиот конак на манастирот, кој се градеше изминативе десетина години.
Голем број верници се собраа за манастирската слава во Рајчица, на денот свети Григориј Палама, великиот светилник на Православието.
Со литургијата чиноначалствувал Митрополитот Георгиј, заедно со епископот Партениј, монаси и свештеници од ДКЕ. Меѓу гостите бил и протопрезвитерот Јован Попеску од Романската православна црква.
-Со полно торжество беше осветен новиот манастирски конак, завршен по цели десет години градба, со неуморниот труд и заложби на нашиот старец и игумен Партениј и на неговото во Христа братство и сестринство. Десет години камен врз камен, молитва врз молитва, грижа врз грижа – и еве, денес величествената градба стои под Божјото небо како сведоштво дека вербата и трпението секогаш вродуваат со плод. Овој конак е изграден под дарителската закрила на благочестивата госпоѓа Елена Пандева, која се јавува како ктитор на овој прекрасен конак. Покрај неа, секако, помогнаа и други наши пријатели и љубители на светињата: кои со даренија на свои производи, кои со финансиски средства, кои со работна рака и со молитви, велат од Бигорски.
Темелите на овој конак беа осветени во 2016 година од тогашниот митрополит Тимотеј. Вчерашното осветување на конакот се случува точно дваесет и пет години по осветувањето на првите манастирски конаци во 2001 година. Конакот е изграден на простор што Партениј и манастирот го откупуваше со текот на времето за потребите на манастирот.
-Тој содржи работни простории за сестринството, соби за преспивање, игуменски кабинет, чардаци и други одаи – сè што е потребно за секојдневниот живот и мисија на монашката заедница. Идејното решение за градбата и изгледот на конакот му припаѓаат на самиот Старец, кој во соработка со архитекти, статичари и експерти успеа да го сотвори ова прекрасно манастирско здание, коешто не ги нарушува линиите на древниот монашки дух, туку ги продолжува со почит и со вкус, велат од Бигорски.












