Ерусалимскиот патријарх Теофил и римокатоличкиот кардинал Пјербатиста Пицабала, кои ја посетија Газа ја отворија клиниката на Суверениот воен ред на Малта.
Заедно со поглаварите на двете цркви беа и д-р Јозеф Д. Блоц, Голем болничар на Суверениот воен ред на Малта, како и претставници на меѓународната хуманитарна организација на Малтешкиот ред.
Болницата е екипирана со околу 30 членови на персоналот, вклучувајќи лекари, медицински сестри и фармацевти. Клиниката секојдневно ќе обезбедува примарна здравствена заштита за до 100 пациенти дневно.
Насилството продолжува и покрај прекинот на огнот. Шеесет проценти од здравствените установи се целосно уништени, а многу други претрпеа сериозни оштетувања.
Финансирањето и материјалната поддршка за клиниката ги обезбедуваат германското Министерство за надворешни работи, чешкото Министерство за надворешни работи, акцијата „Германија помага“, Уницеф, Латинската патријаршија на Ерусалим, како и надбискупиите на Минхен и Падерборн.
Од почетокот на војната во Газа во 2023 година, хуманитарната организација на Малтешкиот ред успеала да обезбеди повеќе од 200 тони животоспасувачки материјали за околу 25.000 луѓе кои живеат во парохијата и во нејзината околина – известува грчкиот црковен портал „Ортодоксија“.

