Големиот приорат на витезите Темплари OSMTH на Македонија обезбеди донација од 45 болнички кревети со душеци и ноќни масички, како и 18 кварцни греалки за ЈЗУ Општа болница „Куманово“. Хуманитарната акција е реализирана во соработка со Големиот приорат на витезите Темплари од Австрија.
Донацијата е предадена во два наврата. Првите 16 болнички кревети биле доставени на 16 октомври, додека преостанатите 29 кревети, заедно со душеците, ноќните масички и 18-те греалки, биле предадени на 29 октомври на директорот на болницата, Сашо Стошевски.
На примопредавањето присуствувале и австрискиот амбасадор во Македонија, Мартин Памер, претставници на австриската амбасада и градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.
Според соопштението на Големиот приорат, опремата е наменета за подобрување на условите за престој и лекување на пациентите, како и за олеснување на работата на медицинскиот персонал.
Големиот приорат на витезите Темплари на Македонија наведува дека дејствува 21 година, а во септември годинава по вторпат бил домаќин на меѓународен собор на темплари, на кој учествувале повеќе од 130 витези од 21 земја.


