Почетна Интервју Доаѓаат верници од целиот регион
Доаѓаат верници од целиот регион

Доаѓаат верници од целиот регион

263
0

Ексклузивно: бискупот Киро Стојанов во интервју за „Нова Македонија“ за посетата на папата на Македонија

Најавената посета на папата Франциск, поглаварот на Римокатоличката црква, на 7 мај годинава на нашата земја ќе има историско значење за државата, но и за верниците на Католичката црква во Македонија. Скопскиот бискуп и епископ струмичко-скопски, Киро Стојанов, ексклузивно за „Нова Македонија“ открива дека посетата на папата има две димензии, од кои едната е државничка, а втората пасторална, со што папата ја покажува својата грижа и за најмалите нации.
Бискупот потврдува дека главниот настан од посетата на папата Франциск ќе биде токму светата литургија што тој ќе ја отслужи на градскиот плоштад во Скопје, за која е предвиден и специјален протокол.

– Од протоколот на централниот настан, што ја дефинира природата на неговата посета, е светата литургија на главниот плоштад во Скопје. Тоа за верниците е најголемиот верски чин. И токму тој како поглавар на Католичката црква ќе служи литургија за сите верници, но и тие што тоа можеби не се, сепак, ќе можат да присуствуваат. Тоа е апостолска посета што значи дека настанот на верата е во центарот – посочува бискупот Стојанов.

Што се однесува на средбите со верските поглавари во Македонија, бискупот вели дека е предвидена една заедничка средба со сите, поради ограниченото време за престој во Македонија.

Н.МАКЕДОНИЈА: Сега сме само на месец и половина пред датумот на закажаната посета на папата Франциск на нашата земја. Што ќе значи посетата на папата Франциск за Македонија? 
БИСКУП СТОЈАНОВ: Треба да разликуваме две нивоа од посетата на папата. Едното е што значи посетата на папата за верниците католици на кои тој им е врховен поглавар, а другото е што значи за цивилното општество – државата посетата на еден државник со огромен морален авторитет. На двете нивоа неговата посета значи многу. Меѓутоа, едно се нашите очекувања и желби, а друго е тоа што де факто ќе се случува на денот на неговата посета, па за значењето на посетата ќе може да се говори повеќе кога таа ќе помине.

Н.МАКЕДОНИЈА:  Како се случи папата да ја прифати поканата за посета на нашата држава? Зошто посетата е закажана токму во овој период, со оглед на фактот што и во минатото имаше покани до папата за посета на Македонија?
БИСКУП СТОЈАНОВ: Редовна практика е кога се поканува некој државник поканата да ја упати претседателот на државата, кој има право да го прави тоа од името на државата. Оттука е разбирливо дека тоа го направи претседателот д-р Ѓорге Иванов. Сепак, папата е државник, но тоа е далеку помалку отколку што е поглавар на најголемата верска заедница на светот, односно поглавар на Католичката црква. Секоја католичка заедница во светот посакува една таква посета, но да се оствари таа не е секогаш можно. Среќни сме што понтификатот на папата Франциск е свртен кон „малиот човек“, односно кон католиците „на периферијата“ како што тој самиот милува да каже. Овој папа длабоко чувствува што значи да се живее во дијаспора (малцинство во однос на мнозинство) и доаѓа како оној што го извршува своето црковно послание, а тоа е „зацврстување во верата“ и да покаже дека и малите заедници честопати еднакво се важни, како и големите заедници. Во таа смисла го поканив папата како бискуп и пастир на оваа месна црква, која има два обреда, две бискупии, скопски за западен обред и струмичко-скопски за источен обред. Затоа и логото за посета на папата на нашата земја е насочено така. Тоа е земено од евангелието според Лука и гласи: „Не бој се, мало стадо“.

Н.МАКЕДОНИЈА: Дали папата ќе оствари средба со архиепископот Стефан, поглаварот на Македонската православна црква-ОА, како доминантна црква во земјава, но и со претставниците на другите цркви и верски заедници во земјава?
БИСКУП СТОЈАНОВ:Распоредот за средби е објавен и можете да видите каде, со кого и кога ќе се сретне папата. Средбата со поглаварите на црквите и верските заедници е предвидена да се случи во Спомен-домот на Мајка Тереза и во согласност со Уставот на нашата држава, без издвојување на повеќебројните или помалобројните, а во Уставот тоа се пет цркви и верски заедници. Неговиот краток престој од десет часа, не овозможува поединечни средби.

Н.МАКЕДОНИЈА: Дали очекувате за време на посетата на папата во Македонија да пристигнат и верници католици од соседните и од други држави?
БИСКУП СТОЈАНОВ: Вообичаено е посетата на папата да привлече што повеќе верници католици без оглед на границите и оттука е оправдано да се очекува дека така ќе биде и во Скопје. Веќе имаме најавена посета на верници и на црковни лица од Косово, Србија, Хрватска, Босна, Албанија и од Грција. Секако, следниот период нивниот број ќе се зголемува, што претставува голема радост за нас.

Н.МАКЕДОНИЈА: Како ги оценувате некои од реакциите во јавноста на луѓе што негодуваат поради неговата посета?
БИСКУП СТОЈАНОВ: Сосема е разбирливо дека ние луѓето имаме различни мислења и ставови кон секоја личност или настан, особено кога станува збор за јавни и влијателни личности. Јасно ми е дека ние, католиците сме големо малцинство во Македонија, но јасно е дека папата доаѓа во пасторална посета на Католичката црква и дека и ние имаме право на негова посета, а и тој има право да ги посети своите верници. Никој не е присилен, ниту повикан, ако не сака, не мора ниту да го сретне, ниту да го види.

ЗА „ПАПАМОБИЛОТ“ ЌЕ ОДЛУЧИ ВАТИКАНСКИОТ ПРОТОКОЛ

На прашањето дали папата ќе го прошета главниот град и ќе ги поздрави граѓаните и верниците со неговиот „папамобил“, автомобил што е специјално дизајниран и папата го користи за време на јавните настапи, што му дозволува да биде повидлив кога поздравува големи толпи, бискупот вели дека за тоа немаат информација, зашто тие детали ги одлучува ватиканскиот протокол.
БИСКУП СТОЈАНОВ: Т.н. „папамобил“ е превозно средство направено на начин што овозможува папата да се види, а и тој подобро да види, бидејќи поминувањето со кој било друг автомобил или пеш ја оневозможува можноста да се види или да се сретне папата. Поздравувањето од „папамобилот“ не е автопокажување, туку олеснување за луѓето и верниците за да можат да го поздрават.

/Радмила Заревска (Нова Македонија)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *