Бугарскиот патријарх со света вода ја попрска армијата на Бугарија, каде Ѓурѓовден е национален празник

Date:

Share post:

Бугарија го одбележа националниот ден на бугарската Армија, Ѓурѓовден со литургија со која служеше патријархот Даниил, заедно со свештеници на Руската и на Романската црква, како и секретарот на Синодот на БПЦ, епископот Герасим.

На плоштадот пред Патријаршиската катедрала беа построени претставнички единици од сите видови војска на Бугарската армија, кои го носеа тробојното знаме и борбените знамиња. На свечениот молебен присуствуваше претседателката и врховен командант на вооружените сили Илијана Јотова, која го прими почесниот строј на гардиските единици. Меѓу присутните беа и службениот премиер Андреј Ѓуров, претседателката на Народното собрание Михаела Доцова, министерот за одбрана Атанас Запрјанов, началникот на одбраната, градоначалникот на Софија Васил Терзиев, како и бројни пратеници и официјални лица.

„Изворите за илјадагодишната историја на нашиот народ раскажуваат дека традицијата на осветување на борбените знамиња води потекло уште од Првото бугарско царство, од времето на славниот бугарски цар Симеон I Велики. Првиот таков историски засведочен настан е осветувањето извршено во 917 година – пред победоносната за бугарското оружје битка кај реката Ахелој. Во извршувањето на овој ритуал пред нас се открива силата на довербата на нашите велики предци во Бога и Неговата вечна правда; нивната увереност дека без Бога и благодатната сила што доаѓа од Него кон луѓето не можеме да направиме ништо што е навистина добро и полезно. Истото ни го кажува и нашиот Господ Исус Христос: „… кој пребива во Мене и Јас во него, тој носи многу плод; зашто без Мене не можете да правите ништо“, изјавил бугарскиот патријарх на настанот.

„Нека попрскувањето со вода осветена преку Божјата благодат на овие борбени знамиња биде уште едно сведоштво за нашата вера во Бога и видлив знак за Божјата наклонетост и Божјата заштита кон целиот наш народ, а особено кон бугарските војници, кои го посветиле својот живот на жртвената воена служба во редовите на Бугарската армија“, рече тој.

Патријархот потоа ги попрскал со света вода знамињата и претставничките единици на Бугарската армија. Во свечениот ритуал учествуваа и Гардискиот претставнички духов оркестар, знаменскиот блок со светите знамиња и претставничките единици на Националната гардиска единица.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here