Дел од бугарската научна заедница се спротивставува на размената на 53 предмети од фондот на Националниот историски музеј во Софија со Грција, оценувајќи дека постапката отвора сериозни правни, научни и историски прашања. Меѓу предметите што се предаваат се икони, црковни садови, свети мошти и епископски престол, додека во замена се добиваат останки за кои се тврди дека им припаѓаат на цар Самуил, цар Гаврил Радомир и членови на царското семејство.
Како што пренесува бугарскиот портал „Filternews.bg“, десетици академици, професори, доценти и доктори на науки, поддржани од јавни личности, ги потпишале протестните забелешки против постапката, оценувајќи ја како избрзана и недоволно поткрепена со научни аргументи.
Критиките се однесуваат и на најавените државни одликувања за лицата вклучени во реализацијата на размената. Според објавените информации, бугарската влада предложила амбасадорот на Бугарија во Грција, Валентин Порјазов, да биде одликуван со орденот „Стара планина“, а проф. Људмил Вагалински и директорката на Националниот историски музеј, Бони Петрунова, со ордени „Св. св. Кирил и Методиј“ со огрлица.
Авторот на коментарот во „Filternews.bg“ оценува дека случајот ја отвора дилемата дали политичките одлуки и државните признанија ја потиснуваат стручната процена кога станува збор за заштитата на националното културно наследство.
Спор околу моштите на света Матрона Константинополска
Посебно внимание во критиките привлекува предавањето на моштехранителницата на света Матрона Константинополска на Грција. Авторот на коментарот тврди дека предметот не потекнува од манастирите „Косиница“ или „Св. Јован Претеча“ во Егејска Македонија, туку од црквата „Св. Климент“ во Охрид.
Како аргументи се посочуваат научните публикации на доц. Ралица Русева и записите во дневниците на проф. Богдан Филов од неговите истражувачки експедиции, во кои, според авторот, е забележано охридското потекло на моштехранителницата.
Во коментарот се оценува дека евентуалното предавање на предмет со потекло од Охрид на Грција отвора дополнителни правни и историски прашања, со можни последици за начинот на кој се постапува со културните предмети чие потекло е поврзано со територии надвор од денешните државни граници.
Спорот околу размената на предметите така се проширува од прашањето за идентификацијата на останките на средновековните бугарски владетели кон пошироката дебата за стручната одговорност, потеклото на црковните реликвии и постапките за располагање со музејското наследство.

