Почетна Коментар Бигорските монаси апелираат верниците да се посветат на Бог, наместо на шопинг пред Велигден
Бигорските монаси апелираат верниците да се посветат на Бог, наместо на шопинг пред Велигден

Бигорските монаси апелираат верниците да се посветат на Бог, наместо на шопинг пред Велигден

2.73K
0

Пред нас се денови кога одново треба да се потсетиме на најголемиот израз на љубов и најголемата жртва што некогаш била направена за нас и нашето спасение  – Крстните страдања и Воскресението на нашиот Господ Исус Христос.

Затоа, од почит кон Христовата жртва, во тие денови добро би било доколку ние верните се трудиме да се оддалечиме од нашето бурно секојдневие и преку поредовното присуствување на богослужбите, целосно да се посветиме на  размислување и мислено доживување на сите тие толку значајни настани, кои ја сменија историјата на целото човештво.

Во тој контекст, сметаме дека е од голема духовна полза во овие денови, особено во деновите на Распетието, погребението и оплакувањето на нашиот Господ – Велики Петок и Велика Сабота, верните да се потрудат да избегнуваат световни забави и секакви други активности кои го одвлекуваат умот од Бога, како и да се воздржуваат од рекреативни патувања, какви што во последно време се доста актуелните шопинг тури, кои во својата програма вклучуваат и попатна посета на некое светилиште, како своевидно оправдување дека патувањето е и од верска природа; оти, во таквите понуди не е предвидено и учество на богослужби, што всушност, би требало да е најважното за секој верник во тие мигови.

Ги замолуваме и работодавците и тие да го искористат ова време за да го привлечат благословот Божји, така што ќе ги ослободат од обврски своите вработени – освен на Велики Петок, кој е и државен празник, барем и на Велика Сабота и во деновите на Воскресението, давајќи им можност слободно да присуствуваат на богослужбите и да Му ги посветат своите мисли и дела на Бога. Овој, пак, благослов трговците и дополнително ќе го умножат доколку во овие свети денови благочестиво им снисходат на оние на коишто финансиската состојба не им дозволува радосно да го прослават празникот, со тоа што нема да ги зголемуваат, туку дури и ќе ги намалат цените на своите производи, правејќи така богоугодни дела на милосрдие.

Да се потсетиме дека и обичајот на нашиот благочестив народ отсекогаш бил таков, сѐ до воспоставувањето на атеистичкиот режим, кој, мислејќи дека на тој начин ќе го одврати Христијанинот од празнување, практикуваше вакво поскапување на производите.

Затоа, да го направиме најдоброто за иднината на нашиот народ, да се собираме овие денови во нашите православни храмови и манастири и тука да ја принесеме нашата заедничка молитва и покајание, та откако ќе го проследиме патот Христов, од Голгота до Воскресението, заедно со Него да извојуваме победа над злото и искушенијата со кои денес се соочуваме.

Најпосле, им посакуваме добра Страдална Седмица и добра Пасха на сите!

/Бигорска Обител

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *