Архиепископот Јован на Тирана, Драч и на цела Албанија одржа серија средби на високо ниво во Брисел, во рамки на својата официјална посета на европските институции.
Во попладневните часови, во Европскиот парламент беше организиран посебен настан под наслов „Животот, делото и наследството на покојниот архиепископ Анастасиј“. Настанот обедини европратеници, министри, дипломати и претставници на различни европски институции. Република Албанија при Европската Унија беше претставена од министерката Адмира Ѓорѓи.
Главно обраќање имаше Архиепископот Јован, кој оддаде почит на покојниот Архиепископ Анастасиј, потсетувајќи на неговото историско доаѓање во Албанија во 1991 година, во време кога Православната црква беше речиси целосно разурната по пет децении сурово прогонство за време на комунистичкиот режим. Тој истакна дека преку визија, љубов и исклучителна саможртва, Архиепископ Анастасиј успеал да ја обнови Црквата од урнатините, изградил стотици цркви, основал училишта, болници и социјални центри и оформил нова генерација свештенство и верници.
Во своето излагање, Архиепископот Јован нагласи дека вистинското наследство на Архиепископ Анастасиј не се состои само во обновените храмови и институции, туку пред сè во луѓето чии животи ги допрел и во моделот на меѓурелигиски дијалог што го воспоставил во Албанија. Според него, токму овој модел денес се смета за примерен ширум Европа.
Настанот имаше особена тежина бидејќи за првпат Европскиот парламент беше домаќин на настан посветен на животот и делото на православен архијереј. Видното присуство на европратеници од различни политички групи, како и на дипломати и претставници на европските институции, беше оценето како јасен показател за широкото меѓународно признание на придонесот на Архиепископ Анастасиј во обновата на демократска Албанија и во промовирањето на европските вредности преку сведоштвото на Православната црква.

