Митрополитот Петар ги отфрли информациите дека тој бил иницијатор на најавуваната средба со вселенскиот патријарх Вартоломеј во Цариград, на која требало да се разговара за статусот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.
Во гостувањето во поткастот „Претрес со Ландов“, Петар изјави дека немал директна комуникација со претставници на Вселенската патријаршија, ниту учествувал во договарањето на средбата.
„Јас не сум имал никакви комуникации со луѓе од Цариградската патријаршија по ова прашање. Посредници не сум имал, никакви“, изјави митрополитот.
Тој потврди дека имало обиди за посредување, но рекол дека не сакал да комуницира преку предложените посредници, бидејќи, според неговата оценка, тие немале углед во православието.
Осврнувајќи се на тврдењата на Архимандритот Никанор дека токму тој бил иницијатор на средбата, Петар праша како можел да иницира средба со човек што никогаш не го видел и со кого немал никаков разговор.
„Ама како може да бидам иницијатор јас на средба кога никогаш не сум го видел човекот, не сум го сретнал, ниту збор сум зборувал со него? Од каде иницијатор?“, рече Петар.
Митрополитот откри и дека пред да одлучи да не учествува во евентуалната средба, добиле информации од, како што ги нарече, сигурни извори дека таква средба воопшто не била предвидена во Вселенската патријаршија.
„Ако нема гаранција, затоа јас и без гаранција реков нема ништо од тоа, дека тоа е сето манипулација“, изјави тој.
Во разговорот Петар се осврна и на посетата на отец Никанор и архимандритот од Новиот Есфигмен на манастирот Бигорски. Посочи дека не го обвинува манастирот, но нивното присуство го спомена во контекст на можните посреднички контакти и организацијата на најавуваната средба.

