По историскиот пробив во надминувањето на црковната изолација, Македонската православна црква – Охридска архиепископија се соочува со нов предизвик: да ги приспособи своите институции, кадровскиот потенцијал и начинот на функционирање на реалноста на една автокефална црква. Тоа подразбира и промени во раководењето со одделите, професионализација на комуникацијата со јавноста, посилна издавачка дејност и организирана социјална мисија.
Пишува: Марјан Николовски
Канонското признавање и добивањето согласност од СПЦ за автокефалност во 2022 година отворија ново поглавје во историјата на МПЦ-ОА. Но, додека со години главната енергија на Црквата беше насочена кон надминување на изолацијата, воспоставување канонско единство и обезбедување место во православниот свет, денес се наметнува прашањето дали нејзината внатрешна организација одговара на новиот црковен статус.
Автокефалноста не е само право на самостојно управување. Таа подразбира и институционална зрелост, развиена црковна администрација, функционални оддели, организирана меѓуцрковна дипломатија, сериозна богословска и издавачка продукција, како и поактивно присуство во општеството, особено грижа за младите и социјално ранливите категории. Тоа значи еден нов пристап кон изградба на една современа политичка теологија, заснована на интегритет и доверба во општеството.
МПЦ-ОА веќе не е во позицијата во која беше пред неколку години. Нејзините предизвици се поинакви, а со тоа треба да биде поинаков и начинот на кој се организира и ги распределува одговорностите.
Затоа, се наметнува потребата од сериозна институционална реорганизација, која не би се свела само на промена на неколку раководни позиции, туку би значела создавање функционални структури способни да одговорат на потребите на современата автокефална црква.
Црковната дипломатија бара нов пристап
Една од најважните области во која се потребни промени е надворешната црковна политика.
Во изминатите години, МПЦ-ОА се соочуваше со специфична задача – да го надмине повеќедеценискиот спор со Српската православна црква, да воспостави канонско единство и да го отвори прашањето за поширокото прифаќање на нејзиниот автокефален статус, да изгради свои врски во Православниот свет.
Денес, кога тој процес доби нова институционална и канонска рамка, надворешната политика на МПЦ-ОА треба да се развива во поинаква насока. Нејзината задача не е само одржување контакти и протоколарни средби со другите помесни цркви, туку систематско градење односи, следење на меѓуправославните процеси, богословски дијалог и активно учество во православните прашања.
Во таа смисла, се наметнува и прашањето за кадровско освежување на Одделот за надворешни работи на МПЦ-ОА, со промена на неговото раководство.
Митрополитот Петар на таа позиција е повеќе од три децении. Реалноста покажа дека неговиот капацитет за извршување на оваа функција, како претседател на овој оддел е исполнет. Иако последните години клучна улога во таа комуникација имаа други вадици, сепак неговиот ангажман има свои црковно-дипломатски бенефити, кои ќе останат дел од историјата на МПЦ-ОА. Неговата улога во тие процеси секако е важна, корисна, но на Црквата во моментов и треба нова енергија. Така што реорганизацијата во овој дел значи потреба од внесување на нова реалност. Иако во МПЦ-ОА има доста потенцијал кај владиците за таа позиција, се чини дека најсоодветно за замена на владиката Петар би можел да биде митрополитот Георгиј, актуелен митрополит на Дебарско-кичевската епархија.
Митрополитот Георгиј има профил кој ги обединува двете области неопходни за ваква задача – дипломатијата и богословието. Тој е доктор по библиска теологија, поранешен декан на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“, а во периодот од 2010 до 2014 година ја извршуваше функцијата амбасадор на Македонија при Светата Столица во Ватикан.
Неговото дипломатско искуство, познавањето на меѓународните односи и богословската подготовка се основа врз која би можело да се гради поактивна црковна дипломатија.
МПЦ-ОА има потреба од оддел кој нема само да реагира на настаните во православниот свет, туку ќе ги следи, анализира и ќе предлага конкретни чекори. Тоа подразбира и формирање стручен тим, со познавачи на црковните односи, меѓународното право, историјата на православието и странските јазици. Целта на овие промени мора да биде градење на своја позиција во православниот свет. Таа секако не подразбира зазимање страна во глбалниот конфликт Москва-Фанар, како што во моментов се случува со изразено прорусоко настроение, туку треба да значи подеднаков добри релации со двата блока цркви во Православниот свет. Не е тоа еквидистанца, тоа е пред се еквисоработка. Но за тоа да може да се случи неопхнодно е итно враќање на комуникацијата со црквите кои гравитираат околу Фанар. Во тој контекст добар пример е последната посета на македонската црковна делегација на Москва. Јас не мислам дека потегот да се оди во Москва беше целосно промашен, напротив во контекст на геопполитичките околности и прегрупирањето во Православието, таа посета на Мсква, со внимателен избор на владици, Георгиј и Климент беше корисна. Можеби да се дефинира и како нхужно зло, но МПЦ-ОА, во овој момент, требаше да биде таму. Но, таа посета на Москва има логика само ако во иднина се случува возобнувување на комуникацијата и со останатите цркви. Одењето во Москва само со цел да се угоди на Кирил не е црковна дипломатија, туку е вбројување во редот на цркви кои се сателти на руската црква. Но таму имаше делегации и од други цркви, кои на некој начин ја градат својата црковна дипломатија позиционирајќи се токму онака, како што сметам дека МПЦ-ОА би требало да се позиционира во иднина.
Комуникацијата со јавноста не може да зависи само од портпаролот
Втората област во која е неопходна итна реорганизација е комуникацијата со јавноста.
МПЦ-ОА е една од најзначајните општествени институции во државата, но нејзиниот комуникациски модел сè уште не ги одразува потребите на една современа црковна организација со меѓународни односи, бројни епархии, манастири, образовни и хуманитарни активности.
Потребно е формирање посебен оддел за комуникација со јавноста, кој ќе го предводи актуелниот портпарол на Синодот, епископот Климент. Но, неговата функција не треба да се исцрпува само со издавање синодски соопштенија и повремено одговарање на новинарски прашања. Потребна е целосна комуникациска структура која ќе ја координира комуникацијата на Синодот, архиепископот, епархиите и манастирите. Таа комуникација подразбира многу повеќе од давање изјави за празници и протоколарни соопштенија.
Во овој оддел би можел да биде вклучен и отец Бобан, кој со години имаше значајна улога во комуникацијата како секретар на Архиепископот. Неговото искуство би можело да придонесе за воспоставување континуитет и поефикасна координација бидејќи медиумите се сведоци дека неговата улога во еден период придонесе максимална транспарентност на црквата, но и намалување во огромен процент на шпекулативни, тенденциозни и негативни информации за црквата.
Одделот треба да располага со луѓе кои ќе се грижат за медиумските настапи, подготовката на официјалните информации, дигиталната комуникација, социјалните мрежи, фото и видео продукцијата, како и за следење на начинот на кој црковните прашања се третираат во јавноста.
Посебно важен проект во оваа област е создавањето нова официјална веб-страница на МПЦ-ОА. Потребна е современа дигитална платформа која ќе биде централен и веродостоен извор на информации за црковните одлуки, активностите на архиепископот и архијереите, епархиите, манастирите, црковните документи, богослужбениот живот и богословската дејност.
Во време кога социјалните мрежи се главен извор на информации за голем дел од јавноста, Црквата не може да си дозволи институционалната комуникација да биде спорадична и недоволно организирана. Во овој момент низ простпрот на социјалните мрежи владее еден тоатален хаос во кој неименувани структури, зад лажни профили, се претставуваат и во името на црквата и во името на епархиите. Ставовите на Црквата треба да бидат достапни, навремени и јасни, а нејзината комуникација да не зависи исклучиво од реакциите на медиумите.
Издаваштвото како дел од црковната мисија
Третиот сегмент е зајакнувањето на издавачката и богословско-образовната дејност.
МПЦ-ОА има потреба од посериозна издавачка политика, која ќе ја надмине практиката на повремено објавување црковни книги, молитвеници и публикации, а пред се преводи на српска и руска црковна литература, нешто што во моментов е како некој своевиден наетнат приоритет.
Потребно е систематско создавање и преведување богословска литература, објавување дела од црковната историја, патристиката, современата православна мисла и дела на домашни теолози.
За оваа област би можело да се формира посебен издавачки оддел, кој би го предводел на приемр епископот Давид, со оглед на неговата посветеност на богословската и издавачката дејност. Но, тој оддел мора да се изгради до ниво на своевиден Фонд за поддршка на авторски дела на македонски теолози.
Таквиот оддел би требало да има јасна годишна програма, уреднички совет и мрежа на соработници од богословските институции, факултетите, епархиите и манастирите.
Особено важно е да се развие систем на преведување значајни православни дела на македонски јазик, но и да се поттикне објавувањето оригинални трудови од домашни автори.
Автокефалната црква треба да има и сопствен богословски глас. Нејзината улога не е само да го зачува наследеното духовно богатство, туку и да го толкува и пренесува во современиот контекст, преку образование, книги, списанија и дигитални изданија. Таков еден оддел мора да остави зад себе дела кои ќе сведочат за историјата на МПЦ-ОА. Биграфии на поглавари, владици, важни личности од историјата на Црквата. Тој оддел мора да произведе своја, македонска авторска историја на МПЦ-ОА. Тој оддел треба да се претвори во црковен архив, во кој ќе бидат дигитализирани, средени, архивирани сите документи на МПЦ-ОА. Тој оддел треба да стане извор за научни и образовни истражувања. МПЦ-ОА нема потреба да стравува од ништо, или пак да се срами од нешто во нејзината историја. Напротив таа е извор на едно темелно богатство низ кое може да се исчита една совреме историја на Македонија, една јасна идетитетска промакедонистичка нишка, еден темел на една обемна литература. Проблемите, предизвиците, несаканите настани од нејзината историја не се тајни, напротив тие се сведоштво дека и низ сериозни комплицирани периоди, мисијата, целта за своја црква била најважната алка на спојување.
Социјалната мисија не смее да остане на маргините
Можеби една од најважните области во која МПЦ-ОА треба да направи исчекор е социјалната и хуманитарната дејност.
Црквата не е само институција на богослужбата и црковната администрација. Нејзината духовна мисија подразбира и грижа за човекот, особено за оние кои се соочуваат со сиромаштија, зависности, семејни проблеми, осаменост и социјална исклученост. Последните случувања со растот на семејното насилство мора да бидат аларм и за Црквата. Религија.мк објави една анализа за тоа како Романската црква функционира во овој дел, во процесите за заштита на децата и жените жртви на семејно насилство. За жал, во период кога цело општество зборува на таа тема, црквата молчи. Денешното соопштение со одлуката на Синодот е добар знак, но не е доволен за да се прекрие молкот на владиците. Парадокс е да владиците да молчат кога треба да бидат најгласни за општествени теми, а да бидат прегласни кога треба да молчи за дневно-политички теми. Но нашите архијереи повеќе се љубители на политичкиот дискурс, отколку на општествената одговорност.
Но тоа не значи дека работите не можат да се променат. Напротив. Во оваа област МПЦ-ОА има искуства и луѓе врз чија работа може да се изгради поширок систем.
Еден од архијереите чие искуство би можело да биде искористено е епископот Партениј. Неговата долгогодишна работа во Бигорскиот манастир, особено во областа на рехабилитацијата и ресоцијализацијата на лица со зависности, хуманитарната помош и грижата за ранливите категории, претставува основа врз која би можело да се развива посебен оддел за социјална и хуманитарна мисија. Неговото искуство би можело да се искористи за воспоставување координирана мрежа на социјална грижа низ епархиите.
Тоа би подразбирало организирана помош за сиромашни семејства, поддршка на повеќедетни семејства, помош на самохрани родители, деца без родителска грижа и лица со попреченост, како и програми за превенција и третман на зависности во соработка со стручни институции.
Одделот би можел да координира и народни кујни, центри за социјална поддршка и волонтерски активности.
Веќе постојат иницијативи во оваа насока. Одлуката на Синодот за формирање Фонд за поткрепа на многудетни семејства покажува дека социјалната грижа може да добие и институционална форма. Но, потребно е овие активности да се поврзат во поширока стратегија, со јасни цели, буџет и одговорни лица.
Социјалната мисија не треба да зависи само од личната иницијатива на одделни архијереи, манастири или свештеници. Таа треба да стане препознатлив и организиран дел од црковното функционирање.
Една од најзначајните промени што би можела да ја донесе ваквата реорганизација е поширокото вклучување на архијереите во раководењето со црковните активности. Во МПЦ-ОА постојат архијереи кои не се членови на Светиот архијерејски синод, но тоа не значи дека нивниот потенцијал треба да остане неискористен во поширокото институционално функционирање на Црквата. Напротив, реорганизацијата треба да овозможи секој архијереј, независно од членството во Синодот, да добие конкретна област на одговорност, доколку за тоа има соодветни знаења, искуство и интерес. Тоа може да се реализира преку посебни оддели, комисии и совети, со јасно определени задачи и обврска за известување пред Синодот.
На тој начин, Црквата би можела да ги искористи капацитетите на сите свои архијереи, наместо најголемиот дел од институционалните активности да останат концентрирани кај ограничен број луѓе.
Односот кон младите – стратегија за нови генерации верници
Петтиот, но не помалку важен сегмент на институционалната реорганизација треба да биде односот на МПЦ-ОА кон младите. Ова е прашање кое не може да се третира само како дел од образовната дејност на државата. Потребна е посебна стратегија за присуство на Црквата во животот на младите генерации, нивно духовно воспитување, вклучување во црковниот живот и создавање услови тие да станат активни носители на црковната заедница.
МПЦ-ОА не може да се задоволи само со констатацијата дека младите доаѓаат во храмовите. Потребно е да се разбере како размислуваат новите генерации, кои се нивните духовни и животни предизвици, што ги оддалечува од Црквата и на кој начин таа може да им понуди автентичен одговор на прашањата што ги поставува современиот живот.
Во оваа област особено се издвојува митрополитот Пимен, кој низ годините има развиено специфичен пристап во комуникацијата со јавноста, особено преку социјалните мрежи и современите комуникациски канали. Неговите ставови за односот меѓу Црквата и младите се интересни и затоа што тој не ја сведува оваа тема на технолошко осовременување или приспособување на црковниот говор кон популарните трендови.
Во интервју за „Нова Македонија“ во април 2020 година, на прашањето како МПЦ-ОА да се доближи до младите генерации, Пимен одговори дека проблемот не треба да се бара во Црквата или во христијанството, туку во автентичноста на сведоштвото на современите христијани.
„Колку е поголема таа несличност, толку поискривен лик Христов ќе гледаат младите генерации во овој свет“, порача Пимен. Овој став е значаен за предложената стратегија. Тој покажува дека привлекувањето на младите не може да се сведе на маркетинг, кампањи или активности на социјалните мрежи. Во основата мора да биде автентичното христијанско сведоштво, односно односот меѓу она што Црквата го проповеда и начинот на кој нејзините претставници го живеат тоа учење. Пимен и во други свои јавни настапи ја нагласувал потребата од комуникација со современиот човек преку средствата што тој ги користи. Уште во интервјуто за порталот „Битно.мк“ од септември 2014 година, тој зборува за значењето на интернетот и социјалните мрежи за црковната комуникација. Тогаш посочил дека социјалните мрежи овозможуваат непосреден контакт меѓу верниците и конкретните црковни личности, а не само комуникација со институционална редакција. Тој сметал дека Црквата треба да ги користи новите технологии за проповедање на Словото Божјо, но истовремено предупредувал дека виртуелната комуникација не може да ја замени живата црковна заедница и учеството во богослужбениот живот.
Особено е интересен и неговиот став изнесен во Божикното интервју за Religija.mk, во кое, меѓу другото, зборуваше за прашањето дали МПЦ-ОА ги губи младите. Пимен не се согласуваше со таквата оценка, посочувајќи дека младите кои потекнуваат од семејства што се оцрковувале во деведесеттите години денес ја продолжуваат таа традиција, а дел од нив и самите стануваат сведоци на верата меѓу своите врсници. Во однос на епархиите во кои се чувствува намалување на младинското присуство, тој понуди и поинакво толкување: „Тие не се изгубени, само се раселени“.
Токму оваа изјава отвора уште едно важно прашање. МПЦ-ОА треба да прави разлика меѓу младите кои се оддалечуваат од црковниот живот и оние кои поради студии, работа, иселување или други животни околности ја губат непосредната врска со својата матична епархија. За нив се потребни различни пристапи, а особено е важно да се развие стратегија за младите во дијаспората.
Затоа, би било целисходно Синодот да формира посебен оддел или тело за младинска духовна мисија и пастирска работа со младите, кое би го координирал митрополитот Пимен.
Неговата задача би била да изработи долгорочна стратегија за младите, која би ги опфатила следните области: Младински црковни заедници: организирање активни младински групи во епархиите, со редовни средби, духовни разговори, предавања и заеднички активности. Тие области подразбираат создавање простори во кои младите ќе можат да се среќаваат, да разговараат со свештеници и духовници, да учествуваат во образовни и културни активности.
Современата дигитална мисија е процес на развивање содржини на социјалните мрежи, подкасти, видеа и интерактивни формати во кои црковните теми ќе бидат обработувани на јазик разбирлив за младите. Организирање младински трибини за верата, науката, технологијата, семејството, идентитетот, моралот и предизвиците на современото општество. Волонтерството и хуманитарната работа значи поголемо вклучување на младите во социјалните и хуманитарните активности на Црквата, со што духовната припадност ќе добие и конкретна општествена димензија. Посебни програми за младите Македонци во европските земји и прекуокеанските црковни општини, со цел да се зачува нивната врска со МПЦ-ОА и македонскиот јазик.
Особено важно е оваа стратегија да не биде создадена само од црковната хиерархија, туку во нејзината подготовка директно да бидат вклучени и самите млади. Црквата треба да ги слушне нивните прашања, потреби и очекувања, а не само да им нуди однапред подготвени одговори.
Целта не треба да биде само зголемување на бројот на млади кои повремено доаѓаат во храмовите, туку создавање генерација која ќе ја доживува Црквата како своја духовна заедница, ќе учествува во нејзиниот живот и ќе презема одговорност за нејзината иднина.
Од персонални промени до долгорочна стратегија
Предложените промени не треба да се сфатат како кадровска реконструкција сама по себе. Тие се дел од поширока потреба МПЦ-ОА да изгради институционален модел што ќе одговара на нејзиниот сегашен и иден статус.
Ова би значело и нова организациска култура – во која позицијата во Синодот не е единствен критериум за учество во развојот на Црквата, а одговорноста се распределува според конкретните способности и потреби. Овие пет области треба да бидат дел од единствена стратегија за институционален развој на МПЦ-ОА.
МПЦ-ОА има потреба од реорганизација не затоа што го изгубила својот досегашен правец, туку затоа што нејзиниот црковен статус, општествената улога и предизвиците со кои се соочува денес бараат поинаков институционален одговор. Ова треба да биде почеток на нова фаза, во која секој архијереј ќе може да преземе одговорност, секоја важна област ќе има свој раководител, а Црквата ќе развива континуирана стратегија за односите со православниот свет, јавноста, младите и општеството.
Тоа е можеби и најважниот тест за институционалната зрелост на една Црква: дали успева да го пренесе своето духовно наследство на новите генерации, не само како традиција што треба да се зачува, туку како жива вера што треба да се доживее.

