Посетата на митрополитот Растислав, поглавар на Православната црква на Чешка и Словачка, на Москва и неговото учество во одбележувањето на 80-тиот роденден на рускиот патријарх Кирил предизвикаа реакции и незадоволство кај дел од свештенството во Чешка.
Растислав на 20 ноември учествуваше во свечената литургија во храмот „Христос Спасител“ во Москва, на која сослужуваа патријарсите Кирил Московски, Јован X Антиохиски и Порфириј Српски, како и Ерусалимскиот патријарх Теофил III. По литургијата, Растислав му упати честитки на рускиот патријарх, изразувајќи почит и нагласувајќи ги блиските односи меѓу двете цркви.
Во своето обраќање, според објавеното од Московската патријаршија, Растислав го пофалил Кирил за неговиот духовен живот и го оценил како пример за верниците, повикувајќи се на посланијата на апостол Павле.
На 22 ноември двајцата црковни поглавари имале и билатерална средба во патријаршиската резиденција во Москва. Разговарале за односите меѓу двете цркви, предизвиците за православното единство и зачувувањето на христијанските и традиционалните вредности.
Но, посетата предизвикала реакции кај дел од свештенството во Чешка, особено поради отворената поддршка што рускиот патријарх Кирил му ја дава на руското воено напаѓање на Украина. Кирил се наоѓа и на националната санкциска листа на Чешка, на која беше ставен во април 2023 година.
Свештеникот Вит Коут од православната црковна општина во Франтишкови Лазње јавно изразил разочарување и загриженост од средбата. Тој посочил дека значителен дел од неговите парохијани се украински бегалци, чии семејства и понатаму се изложени на руските напади.
Коут оценил дека средбата со патријарх кој јавно ја поддржува и оправдува руската агресија врз Украина испраќа болна порака до верниците, особено до оние кои побарале засолниште во Чешка. Тој го поставил и прашањето дали Растислав имал согласност од надлежните црковни тела да настапува во Москва во име на целата црква.
Дополнителна реакција предизвикал и фактот што во Москва Растислав се сретнал со рускиот свештеник Николај Лишченјук, кого чешките власти го прогласиле за непожелна личност поради безбедносни причини и неговите активности во интерес на Русија.
Според објавата на порталот „ProUkrainu“, од Прашката православна епархија потврдиле дека не биле консултирани за посетата. Во нивното соопштение се наведува дека тоа била лична одлука на митрополитот Растислав и дека епархијата не учествувала во подготовката и организацијата на патувањето.

