Рускиот претседател Владимир Путин смета дека Русија може да стане своевидна „арка“ која ќе ги заштити луѓето што веруваат во Христос, а својата увереност ја поврза со историската концепција за Москва како „Третиот Рим“.
Ова Путин го изјави во опширното интервју со српскиот режисер Емир Кустурица, снимено за документарниот филм „Нашето крштение. Патријарх“, посветен на 80-годишнината од раѓањето на московскиот патријарх Кирил.
На прашањето на Кустурица дали руската цивилизација може да стане своевидна „арка“ која ќе ги спаси сите што веруваат во Христос, Путин одговори:
„Може. Апсолутно“. Потоа објасни дека неговата увереност произлегува и од идејата која, како што рече, со векови е присутна во руската теолошка и филозофска мисла.
„Москва е Третиот Рим, а четврти нема да има“, изјави Путин.
Тој направи историска паралела меѓу Рим, Византија и Москва, тврдејќи дека по падот на Рим христијанството се пренело во Византија, а по падот на Византиското Царство веќе било распространето и на руските простори.
„Така Москва ја наследи таа вера и тие традиции. На некој начин стана Третиот Рим, духовен чувар на тие свети вредности и тоа наследство“, рече рускиот претседател.
Но, Путин нагласи дека за него не е најважна само историската и теолошката концепција, туку нејзината современа примена.
„Русија може да биде арка не само за православните, туку и за сите христијани“
Путин рече дека во Русија доаѓаат луѓе од други земји, вклучително и европски, кои, според неговите сознанија, сакаат да ги зачуваат семејните вредности и да обезбедат нивните деца да растат во духот на традиционалните верски вредности
„Кога прашувате дали Русија може да стане ‘арка’ која ќе ги спасува луѓето, би рекол дека таа не би била наменета само за православните христијани, па дури ни само за христијаните“, рече Путин. Тој потсети дека во Русија официјално се препознаваат четири традиционални религии – будизмот, јудаизмот, исламот и православното христијанство.
„Нивните припадници се развиваат и живеат едни покрај други. Всушност, имаме исти традиционални вредности, колку и да се обидуваат некои припадници на тие религии да ги истакнуваат разликите. Разлики секогаш ќе постојат, но основните вредности се исти“, изјави Путин.
Според него, Русија создава простор во кој луѓето можат да живеат во согласност со тие вредности.
„Во таа смисла, Русија може да стане арката за која зборувате“, додаде рускиот претседател.
Во разговорот со Кустурица, Путин се осврна и на положбата на христијанските цркви на Запад, оценувајќи дека нивното приспособување кон современите општествени трендови го ослабува нивното влијание.
„Се однесуваме со почит кон нашите браќа и сестри во Европа и кога гледаме дека одредени гранки на христијанството очигледно се лошо третирани или се изложени на притисоци, настојуваме да ги поддржиме. Но, се плашам дека назадувањето на тие цркви, односно нивното одредено оддалечување од каноните, не ја зајакнува нивната положба во општеството, туку дејствува токму спротивно“, рече Путин.
Тој додаде дека обидите за модернизација и приспособување кон секојдневниот живот, според него, го ослабуваат влијанието на христијанството.
„Токму поради тоа слаби влијанието на христијанските идеи и Црквата врз општеството и свеста на луѓето“, оцени рускиот претседател.
На тоа Кустурица се надоврза со тврдењето дека во Северна Америка во последните пет години 1,5 милиони луѓе преминале во православното христијанство.
Путин одговори дека православието ги привлекува луѓето токму затоа што ги штити вредностите за кои претходно зборувал. Путин во интервјуто зборуваше и за улогата на Руската православна црква во создавањето на руската нација и државност.
Според него, пред покрстувањето на Русија во 988 година не постоела единствена руска нација, туку повеќе словенски племиња со заеднички јазик и економски простор, но без заедничка религија.
„Потоа дојде времето за тој последен чекор. Беше воспоставена единствена религија, со што се отвори патот за создавање единствен руски народ и централизирана руска држава“, рече Путин.
Тој заклучи дека Руската православна црква имала единствена улога во формирањето на руската нација и руската државност.
„Затоа нашиот однос кон Руската православна црква е посебен. Руската православна црква секогаш била покрај својот народ во најтешките искушенија“, изјави Путин. Говорејќи за односите со патријархот Кирил, Путин рече дека тие се засновани на вистинско пријателство, а односите меѓу државата и Црквата ги оцени како стабилни и посебни.Тој истовремено тврдеше дека денес Црквата и државата се одвоени и дека државата не се меша во црковните работи.
„Секојдневно се молам за Русија и нашиот народ“
Во завршниот дел од разговорот Кустурица го праша Путин дали чувствува дека луѓето во Русија се молат за него.
„Не можам да го знам тоа. Секако, понекогаш слушам за тоа кога доаѓам во црква или катедрала, кога свештениците ми го кажуваат тоа. Но, не можам со сигурност да знам“, одговори Путин.
Интервјуто е објавено на официјалната интернет-страница на Кремљ на 20 ноември, а е дел од документарниот проект на Кустурица посветен на патријархот Кирил.

