„И рече Исус: Кој се допре до Мене? А кога сите се откажуваа, Му рече Петар и оние што беа со Него: Учителе, народот Те опколил и Те притиска, а прашуваш: »Кој се допре до Мене?« Но, Исус рече: Некој се допре до Мене, зашто сетив дека излезе сила од Мене.”
Пишува: Митрополит Струмички Наум
На секој од степените на духовниот развој, различен е „допирот“ до Богочовекот Христос.
Кој сака да премине од духовна смрт во православен духовен живот, односно, од противприроден во природен начин на живот, т.е. кој сака да влезе на првиот степен од духовниот развој – чистење на срцето од страстите, покрај тоа што треба да е крстен и причестен – што се подразбира, треба да го стави и својот ум во процес на исцеление – преку послушание на духовниот отец, и поконкретно, треба да ја насочи молитвено енергијата на својот ум кон неговата суштина во срцето, кон Бог; Кој е во центарот на нашето срце од моментот на светото Крштение.
Молитвено насочената енергија на нашиот ум кон Бог во срцето е исто што и најпрвиот чекор на блудниот син кон Отецот; и како што Отецот притрчува кон Својот блуден син – уште додека беше тој далеку, така и благодатта на Крштението почнува да пробива многу повеќе пат од внатрешноста на срцето, кон отворот на срцето – во пресрет на умот, уште додека е тој „далеку“.
Опишаново до сега е единствениот редовен начин на допир до Богочовекот Исус Христос на првиот степен од духовниот развој, единствениот начин Христос да почувствува дека од Него излегува сила кон нас – ама од нашето срце кон надвор, и единствениот начин на кој што нашето срце се отвора, а од него се пројавува несоздадената Божја енергија на Крштението – која, потоа, потполно нѐ преобразува.
Сѐ друго што би правеле во Црквата, без ова, не значи ништо, исто како кога сите се допирале до Него, но никој од нив не осетил сила што го исцелува, освен крвоточивата жена – која вистински се допрела до Него.
Некои луѓе сакаат духовен живот во Црквата, без да си го отворат срцето – нема такво нешто.

