Православната Митрополија на Италија: Црквата не може да биде „гето“ затворено во себе

Date:

Share post:

Православната Црква во Италија не може да се затвори во себе, ниту православното присуство да се претвори во „гето“, порача митрополитот Италијански и егзарх на Јужна Европа Поликарп на XIV собир на свештенството на Православна Митрополија на Италија,(Всленската патријаршија) одржан на 25 и 26 септември во Болоња.

Во завршното слово пред свештенството, митрополитот Поликарп нагласил дека Православието е повикано да влегува во дијалог со општеството во кое живее, притоа сведочејќи го Христос преку животот и љубовта кон секој човек.

„Православието не може да се сфаќа како гето затворено во себе“, порачал митрополитот, истакнувајќи дека таквиот пристап не може да биде поврзан ниту со фанатизам, ниту со национализам и етнофилетизам.

Собирот, на кој учествувале свештеници од православните заедници ширум Италија, бил посветен на пастирските и организациските прашања со кои се соочува Митрополијата, но и на новите начини на кои Православната Црква може да го развива своето присуство во италијанското општество.

Значаен дел од средбата бил посветен на комуникацијата. На свештенството му биле претставени новата организација и развојот на интернет-страницата на Митрополијата, како и стратегијата за присуство на социјалните мрежи.

Во рамките на оваа презентација бил претставен и телевизискиот проект „Il Tesoro Nascosto“ („Скриеното богатство“), опишан како прва православна телевизиска емисија во Италија со национално емитување.

Проектот е замислен како средство преку кое пошироката италијанска јавност ќе може да се запознае со православната вера, духовност, историја и современото присуство на Православието во земјата.

Во завршницата на собирот, митрополитот Поликарп ја нагласил одговорноста на свештенството во современото, сè помултикултурно италијанско општество.

Според него, свештеникот пред сè е повикан да сведочи за Христос, а тоа сведоштво не секогаш бара многу зборови, туку може да биде изразено преку односот кон луѓето и преку љубовта.

Митрополитот укажал и на потребата од поголема соработка меѓу свештенството и мирјаните, како и од богословска подготовка која ќе овозможи православната вера да биде соодветно претставена во современиот контекст.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img