Од српските воени гробишта во Битола до врвот Ниџе – денеска продолжува одбележувањето на 110-годишнината од Кајмакчаланската битка, еден од најжестоките судири на Солунскиот фронт во Првата светска војна. Комеморативната програма почна вчера со полагање свежо цвеќе на српските воени гробишта во Битола, а централното одбележување денес се одржува на самиот Кајмакчалан, кај спомен-капелата „Свети Петар“.
Вчерашната комеморација во Битола беше посветена на сеќавањето на загинатите, а на српските воени гробишта беше испратена порака дека споменот за нивната жртва и денес има значење за српската заедница во Македонија.
„Сите знаете што е Кајмакчалан, знаете што значат српските воени гробишта овде, каде што лежат коските на нашите јунаци. Ако не беа тие, немаше да нè има и нас“, рече претседателот на Заедницата на Србите во Македонија – Битола, Зоран Жугиќ.
На комеморацијата присуствуваше и министерката за работа и социјални прашања на Србија, Милица Џурџевиќ Стојковски, која Кајмакчалан го опиша како место каде што останале животите на српските војници.
„Срцето на нашите дедовци остана на Кајмакчалан, каде што се отвори ‘Капијата на слободата’, а нивната душа остана во татковината во која никогаш не се вратија“, рече таа.
Според Стојковски, воените гробишта се „светилиште и место жртвеник“, но и симбол на блискоста меѓу македонскиот и српскиот народ, поврзана со заедничкото минато и, како што рече, „заедничката сегашност“.
По вчерашниот комеморативен чин во Битола, одбележувањето денеска продолжува на самиот планински врв Ниџе.
Организатор на дводневната комеморативна програма е Заедницата на Србите во Македонија – Битола.

