„Етика во религиите“ – што покажува истражувањето за религиското образование во македонските училишта

Date:

Share post:

Научна монографија посветена на религиското образование во македонскиот образовен систем излезе од печат, како авторски труд на монахињата Ефимија (Зајковска), член на сестринството на манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ во Рајчица.

Монографијата „Религиското образование и ΠΑΙΔΕΙΑ: Компаративно-правни перспективи“ произлегува од магистерскиот труд одбранет на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје. Рецензенти на трудот се професорите д-р Александар Спасеновски и д-р Анета Јовковска.

Истражувањето се занимава со местото, улогата и перспективите на религиското образование во јавните училишта, со посебен фокус на предметот „Етика во религиите“. Темата е разгледана од уставно-правен, педагошки, општествен и теолошки аспект, со компаративен пристап кон различни европски образовни системи.

Во теоретскиот дел се анализираат три европски модели на религиско образование – конфесионалниот модел, карактеристичен за Германија и Австрија, лаицистичкиот модел на Франција и мултирелигискиот, односно феноменолошкиот пристап во Англија. Овие модели се споредуваат и со решенијата применети во Србија, Грција, Бугарија и Хрватска.

Еден од концептите што се разработуваат во студијата е „позитивната неутралност“ на државата. Авторката го разгледува прашањето дали секуларноста подразбира отстранување на религијата од јавниот образовен простор или создавање плуралистичка рамка во која учениците ќе стекнуваат знаења за религиите без конфесионално наметнување.

Посебно внимание е посветено на историскиот развој на религиското образование во македонскиот контекст – од црковно-манастирските училишта, преку периодот на социјалистичката држава и идеолошката атеизација, до промените по независноста на Македонија во 1991 година.

Според наодите презентирани во монографијата, доколку наставата е поставена врз објективна и неиндоктринирачка основа, религиското образование не се доживува како спротивно на секуларниот карактер на државата, туку може да придонесе за развивање на знаења за религиите, меѓукултурна чувствителност и толеранција.

Во трудот се разгледуваат и кадровските и организациските предизвици во реализацијата на предметот. Како еден од условите за неговата педагошка одржливост се издвојува ангажирањето дипломирани теолози со соодветна методско-педагошка подготовка.

Професорот д-р Александар Спасеновски во рецензијата на монографијата посочува дека делото го поврзува научниот пристап со личното искуство на авторката.

„Постојат книги во кои научната мисла останува одвоена од личноста на авторот. Постојат и дела во кои секоја страница носи дел од неговиот животен пат, од неговите убедувања и од вредностите според кои го разбира светот. Книгата ‘Религиското образование и ΠΑΙΔΕΙΑ: компаративно-правни перспективи’ од монахињата Ефимија (Зајковска) припаѓа на вториот вид“, наведува Спасеновски.

Според него, во монографијата „научната дисциплина, духовното искуство и општествената одговорност се среќаваат во една заокружена истражувачка целина“.

Спасеновски ја оценува книгата како „сериозен придонес во македонската научна и стручна литература“, при што ги издвојува нејзината компаративна широчина, интердисциплинарниот карактер и практичната употребливост.

Професорката д-р Анета Јовковска во својата рецензија го издвојува фактот што монографијата се занимава со прашање кое често предизвикува поделби во јавноста.

„Авторката покажува зрелост и тогаш кога обработува теми кои во јавниот простор често предизвикуваат поларизации. Наместо идеолошки определби, таа се определува за аргументиран научен разговор. Наместо исклучивост, нуди внимателна анализа. Наместо поедноставени одговори, ја прифаќа сложеноста на современото општество“, наведува Јовковска.

Таа посебно го издвојува прашањето за односот меѓу секуларната држава и религиското образование.

„Особено е вредно што авторката успева да покаже дека секуларната држава и религиското образование не треба да се разберат како спротивставени категории. Напротив, кога секој останува доследен на својата надлежност и кога воспитно-образовниот процес се темели врз научни, педагошки и етички принципи, можно е да се изгради модел кој истовремено ја почитува слободата на личноста, демократските вредности и духовното наследство на општеството“, пишува Јовковска.

Таа заклучува дека монографијата претставува придонес кон современата теолошка, педагошка и Книгата е достапна во печатена форма, а Бигорската Обител ја објави и во електронска верзија.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img