Околу 800.000 луѓе се собраа на Плоштадот Конкорд во Париз на Светата Литургија со папата Лав XIV, во рамки на неговото апостолско патување во Франција.
Пред огромниот број верници, папата во својата проповед говореше за духовната жед на човекот и за Христос како извор на „жива вода“ која единствено може да ја задоволи таа жед.
„Желбата за Бога живее длабоко во нашите срца“, порача Лав XIV, нагласувајќи дека човекот во Христа го наоѓа одговорот на својата жед за Бога, живот, вистина, единство, мир, заедништво и среќа.
„И токму Исус Христос, преку Своето Воплотување, доаѓа да се сретне со секој човек во неговата лична историја и се открива како вистински извор на жива вода, способен да ја задоволи нашата жед“, рече папата.
Папата својата проповед ја темелеше врз библиските читања за Светата Литургија во чест на Пресвета Дева Марија, Извор на спасението, во кои централно место има симболиката на живата вода.
Осврнувајќи се на мислата на свети Августин, папата рече дека Христос им носи мир на немирните човечки срца и ја открива безусловната Божја љубов кон секој човек.
Тој ги повика француските католици верата во Христос да не ја задржуваат само за себе, туку да ја споделуваат со луѓето што ги среќаваат.
Во проповедта потсети и на долгата историја на христијанството во Франција, споменувајќи ги светите Иринеј, Мартин и Фрањо Салески, како и луѓето кои и денес се посветуваат на заштитата на животот, семејството, вистината, мирот, братството и правдата.

