Патријархот Порфириј угостил наркобос во Загреб – „Пронајдена е многу сериозна порака“

Date:

Share post:

Поглаварот на Српската православна црква Порфириј неодамна на погребот на Ратко Младиќ во Белград говорел за осудениот генерал како за херој, што за многумина било шок. Порфириј претходно седум години служел како митрополит загрепско-љубљански, Хрватска ја нарекувал своја втора татковина, се залагал за помирување и се дружел со влијателни личности од хрватскиот јавен живот.

Во последните две недели, истражувачки новинар од Босна и Херцеговина објавил откритија кои го поврзуваат Порфириј со наркобос осуден за шверц на дрога.

Врска со шкаљарскиот клан

Според тие наводи, Порфириј во Загреб го угостил Милутин Даниловиќ, наркобос кој во БиХ бил уапсен поради шверц на кокаин и кој се поврзува со шкаљарскиот клан. Откритијата ги објавил новинарот на порталот Istraga.ba, Авдо Авдиќ.

„Милутин Даниловиќ во своите Sky преписки, кои биле дешифрирани и сега се дел од доказите врз основа на кои бил уапсен, се фали дека во Загреб се сретнал со Порфириј, кој тогаш бил митрополит. Од други преписки јасно се гледа дека дел од шкаљарскиот клан се потпирал на СПЦ“, објаснил новинарот Авдо Авдиќ за RTL.

Порталот од БиХ објавил и фотографии на кои Даниловиќ е прикажан со Порфириј во Сараево, како и самиот Даниловиќ додека се шета низ Загреб.

Црковните простории како складиште за дрога

Авдиќ објаснува дека тоа не е крајот на информациите до кои дошле босанскохерцеговските служби.

„Милутин Даниловиќ напишал многу сериозна порака во која предлага да би можеле да ја користат Српската православна црква, односно нејзините простории, како ‘штеκ’. Зборот ‘штеκ’ го користат за место каде што оставаат дрога или други недозволени работи, како оружје“, рекол Авдиќ.

Прашање на безбедносен пропуст

Новинарите побарале коментар и потврда на автентичноста на фотографиите од Српската православна црква во Хрватска, но одговор сè уште не добиле. Упатените сметаат дека таквите контакти претставуваат закана за националната безбедност на Хрватска.

„Чудно ми е што никој во Хрватска, ниту во полицијата ниту во СОА, не знаел дека такво лице ги посетува тие простории и се дружи со високи црковни достоинственици. Тоа секако е безбедносен пропуст“, смета експертот за безбедност Жељко Цвртила.

Спорните пораки наводно настанале во 2021 година, во времето кога Порфириј се преселувал од Загреб во Белград. Порфириј Периќ бил избран за загрепски митрополит во 2014 година и на таа должност во Црквата „Преображение Господово“ во Загреб останал седум години.

Годините во Загреб како градител на мостови

За време на престојот во Хрватска, Порфириј имал истакнат јавен статус. Организирал средби со водечки интелектуалци, кои го опишувале како миротворец и градител на мостови. Во либералните кругови бил омилен и познат како „рокенрол“ митрополит.

„Тој дејствуваше како амбасадор на добрата волја. Внесе позитивен дух и на нашата сцена бидејќи собираше луѓе со различни светогледи и националности во демократски дијалог кој кај него се одвиваше приближно еднаш месечно. Ова што денес го слушаме е нешто сосема друго, како да не станува збор за истиот човек“, вели поранешниот претседател Иво Јосиповиќ.

Промена на реториката по заминувањето во Белград

По заминувањето од Загреб, Порфириј ја напуштил реториката на дијалог. Во Црна Гора предводел собири на просрпските сили и многумина денес го сметаат за спроведувач на политиката на официјален Белград. Во еден настап говорел и за промена на границите.

„Сите добро знаеме дека низ историјата границите на државите и местата на живеење на нашиот народ се менувале, а не сме сигурни дека во историјата во која сè е релативно нема да се менуваат и во иднина“, рекол Порфириј во септември 2022 година.

Поранешниот претседател Јосиповиќ денес е изненаден од изјавите на Порфириј.

„Не би рекол дека тоа било глума. Мислам дека дошло до некаква промена во неговиот живот и дека нешто ново влијаело врз неговата сегашна позиција“, вели Јосиповиќ.

Дали Порфириј некогаш се променил?

Од друга страна, постојат и такви кои сметаат дека ставот на Порфириј отсекогаш бил ист и дека Србија во Загреб не би испратила некого кој не е целосно усогласен со нејзината политика. Новинарот Авдиќ тврди дека српската тајна служба БИА учествувала во неговиот избор.

„Оние кои ќе бидат именувани на највисоките позиции прво се дел од црковниот систем, а потоа и од системот што ја контролира таа црква“, вели Авдиќ.

Порфириј, да потсетиме, во 2016 година бил снимен во Чикаго како пее песна која го велича четничкиот војвода Момчило Ѓујиќ. Експертот за безбедност Цвртила појаснува дека безбедносните служби уште тогаш требало да реагираат.

„Ако постојат индикации дека одредена црква всушност е инструмент на непријателска држава која очигледно хибридно ја напаѓа Хрватска, тогаш тоа е легитимна цел“, вели Цвртила.

/index.hr

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img